НЕПРИФАТЛИВИ СЕ НЕКОИ БЛОКАДИ ВО ПРИСТАПОТ КОН ЕУ Кошта очекува Унијата да еволуира и да се прошири
Треба да продолжиме со реформите во нашите земји кандидати за членство, осигурувајќи се дека ги исполнуваат високите стандарди на Европската Унија за демократија, владеење на правото и за фундаментални права, како што е утврдено во нашиот пристап базиран на заслуги. А тоа значи токму тоа - процес на пристапување оценет само според Копенхашките критериуми и според ништо друго, вели претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Напредокот во пристапниот процес се оценува само според Копенхашките критериуми и неприфатливо е да продолжи блокирањето од страна на некои земји членки од причини поинакви од оние утврдени во пристапот базиран на заслуги, порача претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, во обраќањето на крајот на „Форумот за проширување на ЕУ 2025: Заокружување на Унијата, обезбедување на нашата иднина“ што денеска се одржа во Брисел.
– Треба да продолжиме со реформите во нашите земји кандидати за членство, осигурувајќи се дека ги исполнуваат високите стандарди на Европската Унија за демократија, владеење на правото и за фундаментални права, како што е утврдено во нашиот пристап базиран на заслуги. А тоа значи токму тоа – процес на пристапување оценет само според Копенхашките критериуми и според ништо друго. Неприфатливо е да продолжи блокирањето на пристапувањето од некои земји членки од причини поинакви од оние утврдени во пристапот базиран на заслуги – рече Кошта.
Тој нагласи дека проширувањето не е само апстрактна амбиција, туку е трансформативен процес и не е далечен сон, туку реална можност за во наредните години.
– Успехот на Европската Унија произлезе од храбрата политичка решителност на нашите претходници. Денес, мора да ја покажеме истата таа визија и решителност. Партнерите за пристапување мора да одлучат дали имаат политичка волја да ја продолжат својата европска трансформација или сакаат да останат заробени во болните историски наследства. Ова е клучното прашање: Можеме ли да ги надминеме историските поделби и фрагментации, еднаш засекогаш и да прифатиме Унија на заедничка иднина – рече Кошта.
Според него, членството во Европската Унија подразбира здружување и обединување во заедничките аспирации и судбина и затоа таа мора да реши – или ќе си дозволи да продолжи да губи време или е подготвена да еволуира, за да се справи со предизвиците на сегашноста и иднината.
– Верувам дека Европа не смее да стане музеј на минатиот просперитет. Проширувањето е патот напред и единствениот начин да се обезбеди Европа да остане глобална сила за мир, просперитет и стабилност. Мора да продолжиме да работиме заедно како партнери градејќи Европа која е безбедна, просперитетна и обединета – истакна Кошта.
Според него, во денешниот мултиполарен свет, обележан со геополитичка несигурност и економска нестабилност, само сигурна и предвидлива Европска Унија ќе може да го зголеми своето влијание и да го брани меѓународниот поредок базиран на правила, а за да може да ја зајакне својата улога како геополитички играч клучно е нејзиното следно проширување кон Украина, кон Молдавија и кон Западниот Балкан.
– Како највизионерска голема стратегија на Европа, проширувањето е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме денес за иднината на Европа. Тоа ја зајакнува демократијата и владеењето на правото. Го проширува нашиот простор на споделени вредности, споделен просперитет и споделена одговорност. Напредокот што го постигнавме во текот на годините не само што им помогна на нашите нови членки, туку ја зголеми и отпорноста на Европската Унија -рече Кошта.
Тој нагласи дека денес во услови на војна во Европа и геополитички ривалства, сведоци сме на обновен моментум во проширувањето на Европа, и оваа година има значителен напредок во тој процес, кој сега се движи побрзо отколку во претходните 15 години.
– Ова е прв мандат на Комисијата од периодот 2010-2014 година каде што проширувањето е реална можност. И тоа е нашата цел, мојата цел, за наредните години. Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан припаѓаат во Европската Унија – рече Кошта.
Според него, покрај политичкиот и геостратешкиот императив, проширувањето нуди и економско стратешко партнерство и конкретни придобивки за земјите кандидати за членство.
– Плановите за раст на Западниот Балкан и на Молдавија, во вредност до 8 милијарди евра, веќе го подобруваат животот на луѓето на терен. Од приклучувањето кон Единствената зона за плаќања во евра, преку намалување на времето на чекање на границите, па до проширување на дигиталните мрежи, овие мерки даваат непосредни резултати. Почнувајќи од јануари 2026 година, Молдавија и Украина ќе се приклучат кон зоната за слободен роаминг на Европската Унија, правејќи го патувањето и комуникацијата низ целиот континент подостапни за нивните граѓани – рече Кошта.
Тој нагласи дека земјите што и се приклучија на ЕУ од 2004 година досега ги зголемија своите економии за повеќе од двојно и создадоа 26 милиони нови работни места, што докажува дека секое проширување ја прави Унијата посилна, и економски и политички.
Кошта се осврна и остварувањата на одделни земји кандидати, при што нагласи дека Босна и Херцеговина и Македонија „сè уште можат да постигнат напредок до крајот на годината“, додека Србија во наредните недели мора да ги спроведе обврските што ги презела и да продолжи со понатамошно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија.
За Црна Гора рече дека постигнала најголем напредок и дека би можела да стане 28 членка на ЕУ во 2028 година, додека за Албанија оцени дека може да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2027 година. Според него, Украина и Молдавија во текот на една година го завршиле скринингот процесот со рекордна брзина, додека, пак, Косово три години по поднесувањето на апликацијата за членство би требало да добие „позитивен сигнал“.
Според него, паралелно со реформите што ги прават кандидатите за членство и самата ЕУ мора да се подготви да прифати нови членки, да ги интегрира и воедно да продолжи да функционира и да се развива како кохезивна Унија.
– Како што се шириме, мора да обезбедиме и договорите за пристапување да содржат посилни заштитни мерки против назадување од обврските преземени за време на преговорите. Треба да учиме од сопственото искуство. Задржувањето на принципите на демократијата, човековите права и владеењето на правото не е предмет на преговори. Проширувањето не е само приклучување на повеќе земји. Станува збор за зајакнување на нашата Унија преку обезбедување дека сите членови се целосно посветени на заедничките вредности и дека остануваат посветени и по процесот на пристапување – додаде Кошта.