НЕПОЛЕЗНО Е ДА СЕ БАРААТ ИЗБОРИ ВО ВАКВА КРИЗА Ковачевски вели дека опозицијата не нуди ништо за да се прифати предлогот
Ќе контактирам со Мицкоски, ќе му се јавам, јас кажав под уцени нема да разговараме. Но, јас како премиер морам да разговарам со сите, но сега фокусот е на енергетската криза и на сето она што ни се случува во државата. И тоа се надевам ќе го прифати како аргумент и ќе разговараме, изјави премиерот Ковачевски.
Во услови кога имаме здравствена, енергетска и економска криза, е целосно неполезно да се бараат избори, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5, во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори.
– Немате ново што да понудите, туку само повторувате секој ден дека треба избори. Јас понудив соработка, ги повикувам опозицијата, академијата, стопанските комори, синдикатите… заедно да сработиме во услови на криза за да имаме помали последици во стопанството, вратата е отворена за сите кои сакаат да помогнат. Но, барањата на ВМРО ДПМНЕ за избори не се основани – изјави Ковачевски.
Тој нагласи дека нема да прифати уцени за тоа што би се разговарало на евентуална средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Ќе контактирам со Мицкоски, ќе му се јавам, јас кажав под уцени нема да разговараме. Но, јас како премиер морам да разговарам со сите, но сега фокусот е на енергетската криза и на сето она што ни се случува во државата. И тоа се надевам ќе го прифати како аргумент и ќе разговараме – изјави премиерот Ковачевски.
Во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека е „пион на Заев“, Ковачевски истакна дека човек докажува дали самостојно одлучува врз основа на одлуките што ги носи.
– Јас предложив нов Извршен одбор, нови потпретседатели и секретари во партијата, односно различни од оние што беа претходно. Исто беше и при изборот на Владата, каде се водев по принципот да се изберат лица со квалитети и знаења за извршување на функциите. Предлозите ги дадов јас, а ги одобри раководството на партијата – нагласи Ковачевски.
Тој додаде дека половина од членовите на Извршниот одбор на СДСМ се нови лица, како и 75 отсто од потпретседателите и 66 отсто од секретарите.
Премиерот вели дека во изминатиот период имал контакти со сите поранешни претседатели на СДСМ со цел да побара совети за раководењето со партијата, но и на државата.
Социјалдемократскиот сојуз е подготвен да разговара за измени на Изборниот законик, но тие не смее да се носат избрзано, изјави вечерва во интервју за Канал 5, премиерот Димитар Ковачевски.
– Во програмата на Владата стои дека изборното законодавство ќе биде усогласено со препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Отворена е дискусијата и за една изборна единица, а СДСМ се произнесе дека ќе разговараме со сите партии, бидејќи Изборниот законик се носи консензуално – потенцира Ковачевски.
Тој додаде дека различни партии имаат различно видување во врска со изборниот модел и додаде дека токму затоа Изборниот законик треба да се носи во подолг временски период, за истиот да биде направен на начин кој ќе биде спроведлив и адекватен за сите партии.
– Не треба временски да се ограничуваме, туку да се отвори дискусија и да се види кој модел е најдобар за сите политички партии. СДСМ ќе учествува во таа дискусија, заедно со сите коалициски партнери – потенцираше Ковачевски.
Тој истакна дека и пред локалните избори имало иницијатива за отворени листи за советници, но тој лично бил против тоа носење избрзано, бидејќи со тоа само ќе се направела забуна на гласачите.