Ненормалноста како потреба
Овој ненормален – да не речам малоумен молк – ли е нашиот одговор на ненормалноста на државата? Не можеме ли веќе да смислиме подобар, посилен, поенергичен „одговор“ од овој?!
Без оглед што станува збор за речиси неодамнешна историја, не знам, не сум сигурен дека навистина би можеле да определиме некој поблизок датум кога нормалноста во Македонија престана да постои. Не е тоа како крај на некоја војна или конфликт, датум на роденден или година во којашто се случило ова или она, па тој настан/случка да се земе како некаков меѓник помеѓу нормалноста и ова денес.
Сегашнава ситуација ја нарекувам „ова денес“ бидејќи и зборот ненормалност би бил само некаков еуфемизам за овие македонски состојби, за ова наше секојдневие коешто „им бега“ и на стандардниот речник, но и на имагинацијата. Барем на мојата!
Дали таа некаква гранична година може да биде онаа 1999-та, или 2001-та, или 2006-та…? Па и 2018-та, ако баш сакате, кога започна ова „прогресивно“ лудило?!
Може ли и ова прашање да се стави во надлежност на онаа комисија за историска лустрација, па со помош на бугарските им партнери – кои „од страна“ подобро набљудуваат – да се разреши и оваа мистериозна историска дилема?
Зошто го велам ова? Затоа што првата деценија по осамостојувањето некако не е спорна. Нормалноста, односно нејзини делови наследени од бившата држава, како релативно спонтан рецидив, продолжи и во новото секојдневие, поголемиот дел од политичкиот/државниот врв сѐ уште ги паметеше системот, процедурите, политичката култура, доброто воспитување итн. И така и се однесуваше. Се разбира, никако не сакам да кажам, па ни да помислам, дека тогаш „цутеа илјада рози“, ниту пак дека тоа беше случај во некогашна Југославија. Но сепак, не верувам дека на тој период можеме да му ја залепиме етикетата на ненормалност. By the way, на Балканот никогаш не му недостасувала доза на ненормалност, но со голема помош и однадвор, од „цивилизираната“ Европа. Како впрочем и денес!
Меѓутоа, дозите на тогашната ненормалност ги примавме некако полесно, па и со оправдување за неискуството на политичарите, на нивната младост (во одредени случаи), на сложената ситуација со граѓанската војна во екс ЈУ и меѓународниот „статус“ на земјава итн. Се обидувавме да најдеме разбирање – иако де факто го немаше! – и за криминалната приватизација како мега ненормалност, или за дивоградбата наречена споменик на Мајка Тереза во центарот на Скопје како мини ненормалност.
Тоа, сепак, беа инциденти, поголеми или помали. Но, се согласувам: не требаше ни нив да ги толерираме! Еднаш толерирана (општествена) ненормалност се трансформира во процес и води кон ова денес – ненормалноста како состојба, или потреба.
Прифаќањето на инцидентните ситуации во минатото од страна на македонскиот граѓанин, комбинирано со сѐ потешките услови за преживување, ваквата ненормалност ја претворија во стил на владеење на политикантските елити и начин на живот на граѓанинот. Несвесен, или само делумно освестен, за моќта во неговите раце, тој – неговото височество граѓанинот во кој „се колнат“ сите партии – се препушти на стихијата, на политикантското лудило, на лагите на власта (која и да е и каква и да е) дека овие македонски состојби се сложени, често нерешливи, диктирани од странски фактори, увезени… и слични глупости. Секој друг, поинаков и понормален глас беше веднаш замолкнуван и етикетиран како непријателски, антидржавен, антиопштествен итн.
Затоа ли така беневолентно граѓанинот ја прифаќа оваа ненормалност: заради тоа ли на родителите им требаа(т) шест месеци за отворено да се заканат со протести ако не се реши проблемот со дојавите за бомби; затоа ли не се буниме против ценовниот шок неодржлив дури и за побогати земји од оваа; поради тоа ли со кисела, но во основа ненормална насмевка ги прифаќаме налудничавите коментари дека и децата на највисоките функционери заслужуваат шанса (иако знаеме како дошле до неа); овој ненормален – да не речам малоумен молк – ли е нашиот одговор на ненормалноста на државата? Не можеме ли веќе да смислиме подобар, посилен, поенергичен „одговор“ од овој?!
Ненормалноста е блиска до поимот на дисфункционалноста, а ние одамна сме дисфункционално општество со дисфункционална власт. Зашто, ќе го имавме ли сето она претходно спомнато да имавме функционален систем? Односно, зошто во другите земји во ЕУ не се пројавува таа и таква ненормалност/дисфункционалност туку само овде, кај нас, и евентуално кај некој од соседите? Дали сме ние навистина толку болни што не си ја гледаме болеста?
Во едно не така дамнешно време, „болниот на Босфорот“ беше Турција – тогаш Отоманска империја којашто го зафаќаше и целиот Балкан и ја ширеше „болеста“ секаде каде што допре – заглавена во корупција, неспособно водство, преголема администрација, алчни аги и бегови… Таквата состојба генерирала криза по криза, до дефинитивен распад на Империјата. Денес Турција е нешто сосема друго, ама Балканот некако остана „болен“, секоја државичка на свој начин и со свои специфики.
Ние – меѓу најболните.
Па, впрочем, погледнете како балканскиве провинциски политичари се лигават со жените за 8 март? Ене го Додик им пее, нашиве ги шетаат по улици и им држат лигавешки говоранции… Резил до резил. Па нели се угледуваме/координираме со политиките на ЕУ, како што милува да одговори Ковачевски? Па каде ги видел Макрон, или Шолц, или Руте… да изигруват такви палјачовци, со партиски улични „прослави“ како потврда дека сме подготовени за евроинтегративниот процес во сите сегменти? И што: сега ЕУ ќе види дека сме спремни (и) за тој „празник“ и ќе ни стави уште еден плус во тефтерот на Маричиќ? Онака, на невидено, зашто да можеа да видат на што се сведе таа прослава…
Но, она што е уште пострашно од нашата ненормалност, од нашата „болест“, е фактот дека ние свикнавме на неа. Веќе ништо ненормално не ни е туѓо, ги прифаќаме „објаснувањата“ на секоја будала со функционерски статус, а на ретко манифестираната нормалност гледаме како на чудо. Помирливо ја прегрнуваме и длабоката криза што ја влече државата во адските темници, не сакајќи да прифатиме дека нејзиното разрешување може да има само два излези: пропаст на државата или преродба врз темелите на нормалноста (моралноста, чесноста, стручноста и разумот). Одамна веќе и последниот „џокер“ – оправдувањето со неодамнешната „заробена држава“ – го потрошивме бидејќи имавме цели пет години да ги смениме состојбите. Оттука, очигледно е дека нашата болест само прогресира, од ден во ден зема посилен замаф!
Целата оваа состојба „влече“ со себе други „странични ефекти“, меѓу кои и антисоцијално и девијантно поведение, пораст на криминалот и корупцијата, губење на системот на вредности и норми и, како последна алка, дисфункционално семејство! Тоа е и најстрашниот краен резултат на ваквото општество кое понатаму „произведува“ единки на кои ненормалноста им е природна состојба. Тие понатаму се неснаодливи и неприлагодливи во друга, нормална средина, и се/ќе бидат доживувани како непродуктивен европски „отпад“. Зарем така сакаме да бидат третирани?
Зарем толку свикнавме на оваа ненормалност па не се ни обидуваме да ги вратиме нештата во приближна нормала?
И навистина ли нема сила/воља/моќ што може да „повлече“ во таа насока, наспроти тврдоглавото настојување на власта да нѐ држи на таков ненормално краток ланец?
(Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com)