НЕНАД САВЕСКИ Е ДОКАЖАН ПРОФЕСИОНАЛЕЦ, БЕЗ НИТУ ЕДНА ДАМКА ВО КАРИЕРАТА Почна собраниската расправа за избор на нов државен јавен обвинител
На Македонија очајно ѝ е потребна правда и владеење на правото. Ѝ треба јасно отворање и процесуирање на случаи кои ќе значат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем - истакна вицепремиерот Александар Николоски, кој го образложи предлогот на владата.
Собранието денеска во рамки на 94. седница ја почна расправата за избор на Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. Предлогот на Владата пред пратениците го образложи вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
– На Македонија очајно и е потребна правда и владеење на правото. Ѝ треба јасно отворање и процесуирање на случаи кои ќе значат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем – истакна Николоски на собраниската седница.
Тој нагласи дека Савески е професионалец, докажан во својата работа и, како што потенцира, без ниту една дамка во својата професионална кариера.
– За жал, оваа состојба во која е обвинителско-правосудниот систем е состојба коja не дава доверба кај граѓаните, состојба која ги тера многу од граѓаните да не веруваат во системот, почесто да има неправда отколку правда, а и тогаш кога има правда заради скепсата која постои меѓу граѓаните, тие да се прашуваат дали навистина се донела правилната одлука. Не случајно нема разговор, нема дебата и нема сериозни критики за обвинителско-правосудниот систем како што не случајно рејтингот на овие две институции е околу 2 отсто. Тоа ќе е сериозна задача за новиот Јавен обвинител кој го предлагаме, тоа е магистер Ненад Савески, човек кој што е долго во обвинителско-правосудниот систем, со сериозен стаж и искуство, човек кој бил обвинител, судија и сега повторно ќе ја има шансата да е прв меѓу обвинителите – нагласи Николоски.
Тој додаде дека станува збор за човек кој што е еден од светлите примери во македонското судство и обвинителство, кој што зад себе нема дамки.
– Имаме човек кој е мотивиран и кој ќе биде прв кој треба да испорача правда во Македонија – нагласи Николоски пред пратениците.
Савески, кој е досегашен судија во Основниот кривичен суд Скопје, на 10. март беше предложен од Владата како кандидат за државен јавен обвинител. Тој беше еден од четворицата кандидати за кои Советот на јавни обвинители во февруари годинава даде позитивно мислење.
Според мислењето на Советот, Савески се истакнува со стручност и квалитет во работењето, поседува углед и етичност кои се достојни за функцијата, за градење добри меѓучовечки односи и за креирање односи за успешно и ефикасно извршување на целокупната работа.
За изборот на државен јавен обвинител потребни се 61 глас.