НЕНАД ЈОВАНОВИЌ ЗАГОВАРА ФРАКЦИЈА ВО СДСМ Несудените фракционери немаат поим
Кандидати за фракционери во СДСМ има повеќе, но засега јавно беше спомнато единствено името на Петар Атанасов, поранешниот функционер на партијата, а едно време и заменик министер за образование во владата на Зоран Заев. Обвинувањето кон Атанасов јавно го искажа аналитичарот Ненад Јовановиќ со објава на социјалните мрежи.
Дали незадоволните членови во СДСМ се спремни за фракционерство или формирање на нова политичка партија? Со овие прашања многу се шпекулира во политичките кулоари, по изборот на Димитар Ковачевски за нов претседател на партијата, иако во реалноста малку што се случува.
Кандидати за фракционери во СДСМ има повеќе, но засега јавно беше спомнато единствено името на Петар Атанасов, поранешниот функционер на партијата, а едно време и заменик министер за образование во владата на Зоран Заев. Обвинувањето кон Атанасов јавно го искажа аналитичарот Ненад Јовановиќ со објава на социјалните мрежи.
– Да ви кажам што е во игра. Да не ве бунат аналитичари, професори, доктори на науки и останата котерија на “угледни” и “информирани”. На сцена ќе одвива расцепување и раслојување на СДСМ. Има најави за нова партија на разочарани од СДСМ. Петар Атанасов се курдисуе (по “скопски”) да откинуе членство (уште еднаш по “скопски”). Што значи тоа? Се брише простор за ВМРО и Мицињата. Целта е на следни избори со СДСМ да се пребрише патос. Изборен. Зборуваше мојата маленкост две години наназад, ама изгледа не бев доволно “етаблиран” за да бидам разбран – напиша Јовановиќ на Фејсбук.
Ние го контактиравме господинот Атнасов, кој изненадено одговори дека прв пат слуша за планот дека баш тој ќе се поставел на чело на незадоволните членови на СДСМ.
– Јас со СДСМ немам никаква врска веќе три години. Немам никаква намера да правам партија, ниту, пак, да прибирам незадоволни членови од СДСМ. Точно е дека јавно говорам за работите кои ми пречат, дека апелирам за општа мобилизација на сите здрави структури на општеството коешто ни е еродирано, но никаква партија нема да ни помогне во тоа, бидејќи во партиите владее лоша енергија – изјави Атанасовски за Плусинфо.
Иако никој тоа не го направил јавно, сепак, многумина тајно лицитираат и со името на Јован Деспотовски, кој со својот „Концепт 28“ му беше сериозна конкуренција на Ковачевски во изборот за претседател на СДСМ. Деспотовски дури јавно кажа дека не се откажува од својата програма, што за многумина беше доволно да го посочат како фракционер.
– Верувам во „Концепт 28“ бидејќи потполно се вложив во неговото составување и мислам дека овој среднорочен план е вистинскиот пат за развојот на партијата. Но, јас сум дете на СДСМ и немам никаква намера да создавам фракции или, пак, да формирам нова партија. Ќе продолжам да делувам во партија, согласно Статутот. Од досегашните разговори, мислам дека сме на прав пат да пронајдеме заеднички јазик за соработка со новиот претседател – изјави Деспотовски за Плусинфо.
Уште по крајот на локалните избори, првоосомничен за „растурање“ на СДСМ беше кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој за вториот мандат во општината се избори како независен кандидат, спротивно на волјата на тогашното раководство на СДСМ. Сепак, Димитриевски повеќе пати демантираше дека има било каква намера да прави нова партија, а СДСМ тој и натаму ја смета за единствената опција.