НЕМАМЕ ОБВРСКА ДА ЈА ПОДДРЖИМЕ ВЛАДАТА Петрушевски вели дека Џафери не е достоен за технички премиер
Во вечерашната емисија „Топ Тема” на Телма гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски кој што истакна дека принципиелен став на ВМРО-ДПМНЕ е дека Талат Џафери не е достоен и не ја заслужува функцијата на технички премиер.
– Не се работи за собирање на политички поени се работи за принципиелен став на ВМРО-ДПМНЕ, наше длабоко уверување и на нашите поддржувачи е дека Талат Џафери не е достоен и не ја заслужува функцијата на технички премиер. Дополнително што истиот е избран можеби формално согласно закон меѓутоа суштински различно од она што го вели законот, а тоа е дека техничкиот премиер го номинира владејачката партија којашто е најголема во Собранието, во случајот СДСМ. За жал, македонската јавност вклучително и ние дознавме дека технички премиер ќе биде Талат Џафери после извршниот одбор на политичката партија ДУИ што го докажува она што ние во континуитет го тврдиме, а тоа е дека СДСМ во суштина е помалиот коалициски партнер – нагласи Петрушевски.
Тој вели дека главните конци во владата ги држи ДУИ, а СДСМ е само извршителот како добар слуга на наредбодавателот ДУИ.
– Она што не го објасни колешката од СДСМ е фактот што премиерот во неговата изјава дека ќе доставел празни места во делот на владата што припаѓа на опозицијата го заборавил членот 3 од Законот за влада каде што во ставот 2 изрично стои дека при предлагањето на составот на владата мандатарот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Значи формално правно не може мандатарот да достави влада без да ги пополни сте министерства и оние министерства без ресор. Клучната разлика помеѓу политичка и техничка влада е тоа што оваа влада не е коалициска. Ние како ВМРО-ДПМНЕ немаме никаква обврска да ја поддржиме оваа влада – нагласи Петрушевски.