НЕМАМЕ ДОВОЛНО СПЕЦИЈАЛИСТИ ЗА ТЕШКИ ПАЦИЕНТИ Д-р Чибишев ги посочува мааните во здравствениот систем
Ние немаме доволно специјалисти коишто можат да водат тешки пациенти на кои им е потребна не само кислoродна, туку вентилациона поддршка. Немаме доволно едуцирани кадри за да го работат ова, вели д-р Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија.
Жалам што ова ќе го кажам, ама не се справуваме најдобро со пандемијата. По бројот на новозаразени гледам дека е неорганизирано, вели д-р Андон Чибишев во изјава за ТВ24.
Тој вели дека здравствениот систем уште на самиот почеток на пандемијата неподготвен влегол во справување со коронакризата, меѓутоа од стартот на пандемијата се поминати 18 месеци и тоа според него е доволно време за да се возврати ударот.
– Ние уште на стартот немавме никаква контрола на тоа кој влегува и кој излегува. Контрола на аеродромите која требаше да биде првата брана на трансмисија на вирусот. Кога целиот свет ги повикуваше државите да тестираат што повеќе за да се ограничи трансмисијата на вирусот, ние тоа не го направивме, тестиравме во ограничен број за помалку да се прикажуваат болни. Првиот бран помина и ништо не научивме, па дури и од од останатите бранови. Требаше да се преземат одредени чекори за да ги заштитиме граѓаните. Многу доцна успеавме да набавиме вакцини. Во периодот кога сите држави молеа и бараа вакцини, ние не го правевме тоа. Имавме голем број на новозаразени, а ограничен капацитет за згрижување. Модуларните болници на почетокот завршија голема работа, но после толку време не можеме да се осврнеме на нив. Тие имаат минимални услови за згрижување – рече д-р Чибишев.
Требаше да го искористиме периодов и да оспособиме здравствени места за згрижување на вакви пациенти, додаде тој.
– Имаме голем број на здравствени установи кои имаат подобри услови, а се не искористени. Со мали градежни интервенции можеа да се приспособат. Јас како здравствен работник ја следам ситуацијата, не сум слушнал дека еден стар здравствен капацитет е оспособен за да згрижува пациенти. Ние комплетно се ослонивме на шаторска болница, а потоа се осврнавме на модуларните болници. Мора да имаме здравстевни установи кои ќе пружат поквалитетна грижа. Она што можам да кажам во однос на смртноста имаме големи проблеми со менаџментот и со третмантот на овие пациенти. Веќе 18 месеци сме во пандемија, а ние сè уште немаме официјални протоколи за лекување на оваа инфекција. Секој лекува пациенти како што смета дека е најдобро. Мислам дека тоа е една од причините зошто имаме толкава смртност. И мислам дека тука се прават големи грешки. Ние немаме доволно специјалисти коишто можат да водат тешки пациенти на кои им е потребна не само кислoродна, туку вентилациона поддршка. Немаме доволно едуцирани кадри за да го работат ова. Ова е голем пропуст – вели д-р Чибишев од Клиниката за токсикологија.