Немам тема…
Се сведовме на слободоумни и одјасани озборувачи кои си ги ишкаме мувите од мене до тебе и од немајкаде се бараме како мезе - јас тебе мајката - шајката, ти мене... Тоа е нашиот интелектуален дострел! Во мрак сме потонати и не можеме да видиме дека во ист амбис висиме, и кај да е, во иста дупка ќе се најдеме за да се дообрачунаме.
Баш така си помислив: – Сѐ е речено, сѐ е кажано и по којзнае кој пат едно исто, од нас истите – верглано… Таборите одамна се формирани… Си знаеме кој на која страна е… Се сведовме на слободоумни и одјасани озборувачи кои си ги ишкаме мувите од мене до тебе и од немајкаде се бараме како мезе – јас тебе мајката – шајката, ти мене… Тоа е нашиот интелектуален дострел! Во мрак сме потонати и не можеме да видиме дека во ист амбис висиме, и кај да е, во иста дупка ќе се најдеме за да се дообрачунаме.
– Тешко на сите нас – гласно си реков и со двете кученца се упатив кон излезната врата, читајќи од телефонот и сама во себе коментирајќи: – На стариот лисец Гир му се присторило (?) дека Македонија ги почнала преговорите… па се радува, предупредува… Душичка! А Вархеји – беспризорен и со уличарски манири дрзок европски силеџија, со кренат кажипрст ни држи евтини лекции за скапи пари, што изигрувајќи наш дежурен воспитувач ги лапа и од лево и од десно. Да се чудиш – без трунка совест и самопочит, како школски лектири си ги спроведуваат своите политички, платени агенди, и пет пари не даваат што апла шупоглавост тренираат.
Така. Одам по улица и продолжувам да читам: „…Ние Албанците, во некои аспекти, ја развиваме државата повеќе од Македонците…“. Точно академиче Беџети! Најновиот пример е шефот на финансовата полиција и десетици други како него кои успешно го развиваат урнисувањето на институциите преку челните места кои ги држат…
Го затворив телефонот… Констатирајќи дека долу е многу поспарно, отколку на мојата тераса, седнав на клупа пред „Малага“ и не сакајќи почнав да го слушам разговорот на мажите, кои позади мене, на масата пиеја кафе и играа табла.
– „…Нашча Македонија е кај камено шо се киљи (се тркала), се киљи, ама зема не фати…“ – вели стариот со качкет на главата, по сѐ изгледа Егеец. – „Ами, како ќе фати“ – му вели седнатиот до него, – „кога имаме бумбари водачи, не само од денес, туку и од вчера и завчера. Велат, ако тргнеш по бумбарот, ќе те однесе кај лепешката.“
По краток молк и чукање на заровите од таблата, третиот додаде: – „Ете, ние сме токму згазнати на неа. Стоиме и се чудиме на дереџето во кое се најдовме. – Како да се помириме со судбината која сами си ја слеговме од ѕвездите? По сѐ изгледа жилавоста не ни била својствена! А како без неа?
Слушав… слушав, и се штрекнав од силниот глас на отстрана седнатиот кој беше само „посматрач“. Тој, како навреден, откако потстана, викна: – „Кој чека од тебе жилавост, стар прчу? Во младите е жилавоста и тие се на потег. Тие знаат дека како народ не сме празна хартиена страница врз која присилата што ни се врши како од дома, така и од надвор, може до бескрај да испишува свој текст. Ако низ векови покорно ги прифаќавме сите наметнати ситуации кои значеа узурпирање на нашето природно право, денес не би постоеле и не би имале историја, исто како што ќе се избришеме од идното постоење ако ги озакониме готовите решенија со кои нѐ ставаат пред свршен чин нашите намесници“…
„Бреее… шо слово одржа…!“ – со мекамлиски и смирен глас му врати третиот соговорник –„ Како да не знаеш дека денеска ни младите не се тоа шо беа едно време… Денеска, еден Намесник оди, друг доаѓа…“
Брее! – си реков и јас и се поместив на друга блиска клупа, за да не ги слушам. Одново го отворив телефонот и на првиот портал – кадро со изјава на личниот Стевчо, мојот стар „противник“ од дамнешната градоначалничка трка во која, еден кон друг останавме до крај коректни.
Во последно време Стевчо засилен и накострешен, катадневно, како по задача врши напад врз опозицијата, небаре е пратен од некое трето место, Месија (!) обвинувајќи го лидерот дека „асистира на власта во предавството на Македонија….?“.
Паушални изјави си реди и попатно – повикува на некакво заедништво (?), договори… со извици – „ајде… де!…“. Пласира идеи за наводен спас на Македонија…?!, дури проекти и решенија за инвестициона обнова и заживување на државата. Значи – влезен е во филм да го преземе водството во опозицијата….?! , или, има некоја лична…? Го жалам! – Не го одбра времето за донкихотската војна. Сепак, не е лошо за 2 Август да се појави на Мечкин Камен и да одржи еден говор, додека го држи не случајната еуфорија.
Што и да е – заборавил дека благодарение на гласовите од коалицијата во која до скоро беше, доби два пратеника, (ги зачува?), и одново стана градоначалник… Ако! На следните избори нека излезе сам, и нека се докаже…
По однос на волјата да ја суреди Македонија по негова замисла, би му препорачала: прво да се обѕирне самиот околу себе и да види што направи од Карпош, каде со години е „бетониран“ градоначалник, со крепосна тајфа. Не го познавам цел Карпош и затоа ќе зборувам само за некогаш прекрасното Тафталиџе, каде поминав добар дел од мојата најрана младост.
– Што направи Стевчо? – Здружен со бизнис тајфата го претвори во „некогашна населба“, кон Водно затворена и сета оградена со грозно набиени една до друга згради, кои стрчат надвиснати над населбата како искубани орли, заобиколувајќи ја како со кинески ѕид кој само се должиии… оставајќи ја нагнетена, без светлина, без воздух… Само згради со одвратна, евтина архитектура, а паркиралишта – ич! Колите ги затвораат улиците и влезовите од туѓите дворови… Населението неплански се зголеми неколку десетици пати, а канализацијата дотрајана… и со никаков капацитет, со опасност да се излие… Инвеститорите гледаат да искористат да се мушнат во нечиј двор и да се приклучат….
Понадолу, на истиот портал наидов на рубриката Колумни, и прв – Ѓорги Спасов: „Што сакаат опозицијата и ‘дежурните критичари’ околу преговорите.“
Во тие „дежурните“ се препознав себе и ја прочитав. Немам намера да ја коментирам колумната, само ќе кажам дека „од умот се подиставив“ кога прочитав колку е одушевен од обраќањето на Урсула со „драги Македонци“…
Таа негова одушевеност, за мене гадење, ме потсети на еден негов говор како пратеник во Парламентот, кога се водеше опширна полемика околу Уставот… во десетти месец 2001 година, за кој веднаш напишав и објавив колумна која е дел и од мојата книга „Дали згрешив“, печатена во 2004 година.
Еве што велеше од говорницата (кој не верува нека провери во стенограмите на Собранието):
– „…Не е ништо страшно што како Македонци сами ќе се избришеме од сегашноста и иднината, со бришење од Преамбулата на Уставот на РМ. Ако нѐ нема во Преамбулата, нѐ има во минатото: во фреските на нашите манастири, патописите на странците….“
Доволно наведов???
Еве што му одговорив во мојата веднаш потоа објавена колумна:
– „…Да не ја прифаќаме таа слободоумна слабоумност, затоа што, тоа што ни се нуди, тоа е судбина на исчезнат народ со препознатлив цивилизациски дострел. Ние не сме тоа. Ние сме живо дрво на нашиот родослов, под чија сенка растат нашите поколенија. За опомена, да се потсетиме на стиховите на нашиот поетски визионер А. Поповски, кои се актуелни токму сега:
– Не ме уплашија векови со нож в туѓа рака,
Ме плаши час од рака своја – в плеќи.“