НЕМАМ КОМПЛЕКС ДАЛИ СЕ ВОЗАМ СО „МЕРЦЕДЕС“ ИЛИ СО ПРИВАТНО ВОЗИЛО Џафери одговараше на првите незгодни прашања како премиер
Иронијата за „мерцедесот“ верувам дека не е во служба на никого – рече Џафери откако ја презеде функцијата од досегашниот премиер Димитар Ковачевски.
Јас немам комплекс со што доаѓам на работа, дали со „мерцедес“ или со приватно возило – изјави премиерот на преодната Влада Талат Џафери, кој денеска ја презеде функцијата од досегашниот премиер Димитар Ковачевски.
Џафери ова го кажа одговарајќи на прашања на новинарите, кои алудираа на тоа дека дента кога беше избран во Собранието, Џафери пристигна во своето родно село Форино со службен „мерцедес“ придружуван од полициско обезбедување.
– Иронијата за „мерцедесот“ верувам дека не е во служба на никого. Јас немам комплекс со што доаѓам или се враќам од работа, дали со „мерцедес“ или со приватно возило – рече Џафери,
Новиот премиер посочи дека Владата има компетенции и одговорности според Уставот и законите.
– Нашиот ангажман како Влада и мојот личен е да се реализираат сите уставни процедури за сите индивидуи. Без оглед колку ќе трае оваа влада, во ниту еден миг нема да отсуствува редовното функционирање на институцијата, соработката и инклузивноста во работата на Владата, обезбедувајќи секој сегмент или министерство да бидат транспарентни и ефикасни и во служба на граѓаните – рече премиерот Џафери.
Oдговарајќи на новинарски прашања во однос на неодамнешната изјава на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, дека доколку не се одблокира пакетот закони за МИОА, ќе даде оставка, премиерот Џафери рече дека „не е човек кој работи под ултиматуми“.
– Јас во принцип не работам така, не ми е својствено да прифаќам ултиматум. Секој има своја слобода како ќе цени дека треба да постапи нека постапува, а за последиците нека си мислат субјектите од каде што доаѓаат и од каде што добиле доминација без оглед кој од каде доаѓа. Тоа е ставот. Јас хипотетички нема да зборувам во смисла што ќе се случи и што ако би се случило. Оставам на конкретна состојба како и да се случуваат работите така и да се изнајдат решенијата за надминување на работите – рече Џафери.
Во однос на протестите поради одлуката за формирање на паралелка на албански јазик во училиште во Чашка, Џафери посочи дека во овој момент не може да каже што конкретно ќе преземе, но дека секој има право на она што му е пропишано во законот. Како што посочи, ќе бидат вклучени и ангажирани сите страни и сите надлежности кои се во Владата ќе се извршат, за да се најде соодветно решение.