„НЕМААТ КАДАР НИ ЗА ПОРАЗ“ Шукова ќе глуми спас за Скопје, реагира ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја нападна СДСМ за кадровската политика во Скопје, обвинувајќи ја партијата дека нема ниту еден релевантен кандидат, а дека со Каја Шукова ќе понуди повторно исти, веќе одбиени, политики од времето на Заев.
ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираше по информациите дека поранешната министерка за животна средина, Каја Шукова, е најсериозниот кандидат на СДСМ за градоначалничката трка во Скопје.
„Се потврди фактот дека СДСМ и Венко Филипче немаат кандидат за Скопје. Претходно, нивните понуди ги одбија и Љубомир Ралев и уште еден познат скопски адвокат. Никој не сака да им се нафати да изгуби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека СДСМ пропаѓа се подлабоко, а за кандидатури се нудат само претседатели на општински организации или поранешни кадри од времето на Зоран Заев.
„Со ова дефинитивно се потврдува дека СДСМ нема кадри. Нивниот кандидат во Скопје ќе биде кадар од времето на Заев – Каја Шукова, која како министерка не мрдна со прст за подобрување на аерозагадувањето“, се наведува во реакцијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Шукова ќе се обидува да им ветува на скопјани чист воздух и околина, но јавноста веќе знае дека, како што велат, „не направила ништо додека беше на функција“.
„И Шукова, и останатите кандидати на СДСМ се прочитана приказна. Граѓаните на Скопје не ги забораваат нивните неуспеси“, порачуваат од партијата.