НЕМА ЗГОЛЕМЕНИ ЦЕНИ, НЕМА НЕДОСТИГ НА НАФТА Владата будно ги следи цените, стандардот на граѓаните е приоритет

Во услови кога на наследен огромен долг, не можеме да зборуваме за не знам каква отпорност. Но, нам ни се приоритет граѓаните и владата секако дека ќе реагира и ќе преземе соодветни мерки, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

63

Во моментов нема недостиг на нафта и нафтени деривати, ниту пак има значајни ценовни шокови како директна последица на кризата, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

– Според информациите од терен, обезбедени преку засилени контроли на Државниот пазарен инспекторат, не се констатирани посериозни отстапувања во цените – рече министерката за Димитриеска-Кочоска во интервју за Македонската радио-телевизија.






Владата внимателно ги следи економските состојби и е подготвена да реагира навремено со соодветни мерки, доколку има потреба, додаде таа.

– Граѓаните можат непречено да се снабдуваат гориво, што значи дека нема основ за воведување рестриктивни мерки од тој тип. Во врска со цените, тие и понатаму се пониски во споредба со дел од регионот, што е особено важно за стандардот на граѓаните. Затоа не можеме механички да ги преземаме мерките од други земји, без да ја земеме предвид нашата реална состојба – кажа министерката.

Во услови на зголемена глобална неизвесност, предизвикана од војната на Блискиот Исток, министерката нагласи дека клучен предизвик е непредвидливоста на кризата, со оглед дека ниту европските земји не можат да дадат прецизни проценки за нејзиното времетраење.

– На дневна основа функционираат повеќе од 30 инспекциски тимови кои ги следат состојбите низ целата држава. Кај најголемиот дел од компаниите, било да станува збор за производители, било да станува збор за дистрибутери и супермаркети, кои се посетени од ДПИ, нема промена на цените – рече Димитриеска-Кочоска

Министерската потенцираше дека состојбите се следат и најважно за Владата е да не се наруши стандардот на граѓаните.

– Во услови на наследен огромен долг, не можеме да зборуваме за не знам каква отпорност. Но, секогаш постои правилото што ни е нам приоритет. Нам ни се приоритет граѓаните. Во такви услови, владата секако дека ќе реагира и ќе преземе соодветни мерки – истакна министерката.

Во врска со одредени зголемувања на цената на прехранбените производи, како маслото за јадење и јајцата, таа посочи дека тие се резултат на движењата на светските цени на суровините, а не на актуелната геополитичка состојба.

Во делот на фискалната политика и глобалните случувања министерката посочи дека приоритет на Министерството за финансии останува одржувањето на буџетскиот дефицит во рамки на планираното и доколку има потреба ќе се бара простор за заштеди таму каде што има непродуктивни трошења, а парите ќе се насочат кон приоритетите.

Таа информираше дека Владата е во постојана комуникација со стопанството и ги следи евентуалните притисоци од увозните цени, но засега нема индикации за потреба од итни интервенции.

 

Поврзани содржини