НЕМА ВРЕМЕ ДОГОВОРИТЕ ЗА ВАУЧЕРИ ДА СЕ ИСПРАЌААТ ПО ПОШТА Рокот за купување на инверторите е 30 ноември, вели Божиновска

Добитниците на 6.100 ваучери имаат 24 дена до крајниот рок од 30 ноември за да ги подигнат и да ги купат клима-уредите и и нема потреба да се чека толку во ред, а може да дојдат и кај нас во Министерството за енергетика, рече министерката Сања Божиновска.

595

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска објасни дека вредносните купони за купување инвертери не биле испратени по пошта или на друг начин затоа што корисниците на субвенцијата треба да потпишат договори.

Пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде што денеска се доделуваа ваучерите за инвертери од утринава имаше голема редица на граѓани. Тоа предизвика реакции дека целата работа можела да се изврши поефикасно, без да мораат добитниците со часови да чекаат на улица.






– Процесот со испраќање на документите преку пошта е малку подолг. Тие потпишани договори треба да се вратат назад. Сметавме дека ова е покорисно и поефикасно. Секако рокот е до крајот на месецот, не мора да се зема цел работен ден. Има 24 дена за да се подигнат 6.100 ваучери и нема потреба да се чека толку во ред. Може да дојдат и кај нас во министерството за енергетика, каде ќе имаме повеќе луѓе за ова. Овозможивме на 30 места низ Македонија да се делат ваучерите, не мора да доаѓаат сите во Скопје. Не значи дека ако денеска не го земат ваучерот, дека нема да се подигне – рече министерката Божиновска.

Иако рокот за подигање на ваучерите е до 30 ноември, ист е и рокот до кога добитниците треба да купат инвертори. После токот ваучерите не важат.

– Рокот е до 30 ноември за да се купат. Колку што знам, нема рок до кога треба да ги инсталираат. Најбитно е да се искориста ваучерите – рече Божиновска.

Таа се надева дека инвертерите, за кои министерството дава до 30.000 денари субвенција, ќе бидат  навистина инсталирани во домовите на граѓаните кои ја добиле поддршката.

– Јас се надевам дека ќе бидат искористени за тоа што сакаме да помогнеме како влада за инсталирање на инвертери. Доколку некој смета дека тоа не е доволно и прави нешто што е спротивно на законот, тоа ќе биде санкционирано. Меѓутоа, ние се надеваме дека ова е за ранливи категории и за енергетска ефикасност. Се надеваме дека ќе нема такви злоупотреби – рече Божиновска.

Таа денеска го посети пунктот за доделување ваучери за инвертери во салата „Борис Трајковски“. Овој пункт ќе работи и утре од 9 до 17 часот. Во Битола ваучерите се делат во спортската сала „Боро Чурлески“, која исто така и утре ќе биде отворена за оваа намена од 9 до 17 часот. За останатите градови подигнувањето на вредносните ваучери ќе биде во центрите за вработување за што Министерството склучи меморандум за соработка со АВРМ.

Преку Програмата за енергетска ефикасност во домаќинствата добитници на вредносен ваучер од 23.000 денари или 25.000 денари се 4.591 домаќинство, а преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија добитници на вредносни ваучери од 30.000 денари се 1.591 домаќинство.

Кога беше промовирана мерката, тогашниот министер за економија Крешник Бектеши рече дека уредите треба да бидат купени и вградени во текот на 2024 година, најдоцна до 30 ноември, на адресата што е наведена во барањето. По смената на власта на парламентарни избори, обврската за поделба на парите  остана како обврска на новата влада.

Поврзани содржини