НЕМА ВЛЕГУВАЊЕ СО „МИНИЧИ“, БЕРМУДИ, ХЕЛАНКИ, ТРЕНЕРКИ, СКИНАТИ ФАРМЕРКИ… Прилепската гимназија воведува строги правила на облекување за учениците
Учениците се задолжуваат „со својот пристоен изглед да не се издвојуваат од средината“, а во спротивно, нема да бидат примени на настава.
Гимназијата „Мирче Ацев“ Прилеп донесе и објави правилник за надворешниот изглед на учениците во гимназијата. Правилникот е визуелно прикажан на плакати, кои се поставени на влезната врата и низ ходниците на училиштето.
Според правилникот, забрането е да се оди на училиште во маици на прерамки, хеланки, бермуди, шорцеви, кратки пантолони и маици, искинати фармерки и пантолони, тренерки и кратки сукњи.
Училиштето исто така објави и кодекс за однесување на учениците и во него меѓу другото се вели:
„Учениците се должни на часот (независно дали е со физичко присуство или учење од далечина), да бидат уредно облечени горен дел пристоен изглед – маичка/блуза/дуксер, долен дел фармерки/панталони/сукња со пристојна должина. Со својот пристоен изглед нема да се издвојуваат од средината. Во спротивно, нема да бидат примени на настава независно (дали е со физичко присуство или учење од далечина). 5. Дозволена должина на здолништа е до и под колена, а на панталони исклучиво долги. 6. Секој ученик да внимава на својата фризура за време на настава, без разлика дали е со физичко присуство или учење од далечина, (женските со уредна и прибрана фризура без разлика на должината на косата, без шминка и лакирани нокти, а кај машките без долга коса, опавче и брада)“, се вели во кодексот на однесување донесен од прилепската гимназија.
Правилникот на прилепската гимназија беше објавена и на социјалните мрежи каде предизвика дијаметрално спротивни реакции – од афирмативни, дека „конечно мора да се стави ред во школите, и дека „не може кому како ќе му текне да оди на училиште“, до критички: – дека „им се брише индивидуалноста на средношколците и од нив се прават медиокритети“.