НЕМА ВЕЌЕ СО СЛУЖБЕН АВТОМОБИЛ НА ШОПИНГ И НА ОДМОР Нови правила за користење на државниот возен парк
Вицепремиерот за корупција вели дека новиот систем за следење на користењето на службените возила и начинот на кој ќе обезбедуваат дозволите за користење, овозможува лесно детектирање на неправилностите и нивна санкција
Владата донесе нова одлука со која се дефинира и регулира користењето на службените возила во сопственост или користење на државата.
– Со новите одредби, секое користење на службенте возила мора да одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган согласно неговите надлежности – појасни Љупчо Николовски, заменик претседателот на Владата за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој,.
Од владата велат дека одлуката е направена да ги елиминира потенцијалните злоупотреби на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели.
„Новиот систем за следење на користењето на службените возила и начинот на кој ќе обезбедуваат дозволите за користење, овозможува лесно детектирање на неправилностите и нивна санкција“, наведуваат од Владата.
Ова, велат од владата, е уште една владина мерка во насока на рационално користење на службените ствари и буџетските средства.
„Во изминатиот период се донесе и веќе се применува одлуката со која се ограничуваат трошоците за угостителски услуги за работни состаноци од страна на носителите на јавни функции, а со измените и дополнувањата на Законот за јавни претпријатија се ограничуваат надоместоците на членовите на управните и надзорните одбори и се намалува на бројот на членови на управни и надзорни одбори“, наведуваат од владата.