Еден од приоритетите е воведување нов концепт за сигурност во сообраќајот во урбаните центри, што подразбира јасна и ригорозна регулација на брзините во населените места, поставување систем од камери за контрола на почитување на правилата и на брзината, но и целосна автоматизација на процесот на казни и нивно врзување со регистрацијата на возилото, најави денеска на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Целта на овој проект е да се исфрли човечкиот фактор при кинењето на казните на сторителите на прекршоци во сообраќајот, да нема селекција за тоа кој ќе си ја плати казната за сообраќаен прекршок а кој не и да се воспостави дисциплина на возачите и безбеден сообраќај за сите граѓани. За почеток овој проект ќе почне да функционира во Скопје и во Тетово.
Преку инсталирање камери на опремата на самите полициски службеници, Министерството за внатрешни работи ќе ги улови неправилностите во сообраќајот и истовремено ќе го минимизира влијанито на човечкиот фактор. Спасовски истакна дека само тогаш кога нема влијание на човечкиот фактор тогаш имаме најдобри резултати, нема селективност и имаме добра транспарентност.
– Јавноста веќе е информирана дека собраќајната полиција во Скопје и во Тетово веќе ќе започне со користење на боди камери (камери на тело) на секој еден полицаец и на тој начин да имаме еден поинаков пристап и на граѓаните и на полицајците. Ваков пилот проект имавме во автопатската полиција. Таму веќе немаме ниту една поплака од кој било граѓанин, ниту пак од полицаец заради тоа што преку камерите, преку снимањето на сето тоа што се случува за време на контролата имаме целосен увид во состојбите и тоа е добро и за полициските службеници и е добро за граѓаните – изјави Спасовски, нагласувајќи дека овој проект се очекува да се интензивира во наредниот период.
Тој најави дека измените за Законот за безбедност на собраќајот моментно се во собраниска процедура.
– Сите законски промените што ќе треба да се направат ќе се направат сѐ со цел да се овозможи да имаме функционална употреба на камерите и тој систем даде резултати во пракса. Секое законско решение што пред сѐ, значи заштита на личните податоци ќе биде испочитувано до максимум. Тоа ќе биде вклопено во целиот тој систем. На основа на тоа ќе биде и инсталирањето – рече Спасовски.
Граничните премини, пак, ќе се модернизираат со инсталирање дигитални читачи на регистарските таблички, а ќе се финализира концептот на маалски полицаец.
– Се разбира, добрите резултати на полицијата доаѓаат со работа на мотивирани полициски службеници на кои постојано им ги подобрувавме и ќе им ги подобруваме условите за работа и стандардот, а тоа треба да го направиме уште поинтензивно во наредниот период – рече Спасовски.
Тој информира дека се продолжува и со реновирање и реконструкција на полициски објекти, но и со изградба на нови објекти и набавка на нови униформи. Во напредна фаза е изградбата на зградата на крим техника со современа форензичка лабораторија, со што ќе се влијае и на брзината на постапките.
МВР во соработка со МО и МИА ќе ги продолжи реформите и во областа на сајбер безбедноста, а во соработка со другите институции и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.
– Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени и сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Владата ќе биде партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на системот на правда, што ќе им служи на граѓаните и на државата – порача министерот Спасовски.