НЕМА ВЕЌЕ ПРЕГОВОРИ ЗА НАЦИОНАЛНИ И ЗА ИДЕНТИТЕТСКИ ПРАШАЊА Бугарија сè уште не ѝ одговорила на Македонија на барањето за средба
Сакам нашите граѓани да ги уверам дека по однос на национални и идентитетски прашања ќе биде крајно време да престанеме да преговараме со која било држава порача шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски на прес-конференција со црногорскиот колега Ервин Ибрахимовиќ.
– Сакам нашите граѓани да ги уверам дека по однос на национални и идентитетски прашања ќе биде крајно време да престанеме да преговараме со која било држава – порача шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски на прес-конференција со црногорскиот колега Ервин Ибрахимовиќ.
Муцунски одговараше на новинарски прашања околу застојот во евроинтегративниот процес, спорот со Бугарија и можностите за продолжување на дијалогот со цел отворање на патот кон ЕУ.
Тој вели дека Владата има дијалог и комуникација со Софија и нема да дозволи тој процес да застане.
– Доколку изостане иницијативноста и дијалогот од наша страна, тогаш ние ќе бидеме и соучесници во еден процес на закочување на европската интеграција што е спротивно со целта на државата, а тоа е што побрзо да ги откочиме преговорите – порача Муцунски.
Шефот на македонската дипломатија смета дека посветеноста на Македонија кон европската интеграција треба да престане да се мери по капацитетот на отстапките на која било влада во земјата по однос на националните прашања.
– Имаме јасна позиција дека треба да ставиме конечно крај на овој процес на билатерализација и неправди, што доколку утре се случат уставните измени за шест месеци повторно сме во иста ситуација. И повторно ќе треба дијалог, но повторно ќе биде закочен процесот на преговори. Ако така некој сака да ја мери нашата посветеност кон европската интеграција, тогаш не разбира што е европска интегрција – нагласи Муцунски.
Во однос на тоа кога би можел да има средба со бугарскиот колега Георг Георгиев, Муцунски вели дека иако иницирал разговори, засега нема позитивен одговор од Бугарија.
– Но ќе продолжиме афирмативно да работиме на остварување и на таа средба – рече Муцунски.
Шефот на македонската дипломатија е дециден дека не сака да се создаде перцепција дека земјата не бара компромис.
– Бараме компромис кој ќе биде рационален и којшто ќе ја обезбеди таа предвидливост, којашто нашата држава по сите оние национални отстапки заслужува да ја добие – додава тој.
Според него, има дестабилизирачки сили во неколку земји во регионот, коишто можат да влијаат на дестабилизација на целиот континент.
– Како дел од земјите-членки на НАТО што се од регионот, имаме примарна одговорност да се грижиме за долгорочната безбедност на регионот на Западен Балкан, но секако долгорочна безбедност и иднина на регионот не може да има без извесност во европските интеграции. И тоа е наша споделена одговорност. Ние да го завршиме нашиот дел, но ЕУ да го намали оној јаз помеѓу креирани очекувања и испорака којшто очигледно постои кон сите нас во регионот последните години – рече Муцунски.
Тој нагласи дека е во комуникација на дневна основа со министрите за надворешни работи на ЕУ и се работи на повеќе иницијативи за откочување на евроинтегративниот процес.
– Тоа значи конечно да ги отпочнеме преговорите што за жал не се започнати од субјективни, а не од објективни причини. Но, секако нашите позиции се јасно втемелени во она што е наше очекување. А, тоа е да се стави крај на билатерализацијата на европската интеграција. Создавањето на пракса на билатерализација штети на целиот регион и остава простор утре и другите земји од регионот да се соочуваат со исти предизвици – вели Муцунски.
Според него, процесот на проширување на ЕУ нема да биде конечен без интеграција на целиот регион.