НЕМА ВЕЌЕ ПАРТИСКИ ПРИВИЛЕГИИ НА ТОВАР НА ГРАЃАНИТЕ Јавниот сектор се ослободува од обемните одбори и непотребните институции

Министерството за јавна администрација продолжува со суштинските реформи во јавниот сектор - намалување на одборите, оптимизација на нефункционалните институции и намалување на партиските привилегии.

133

Започнуваме процес на рационализација на јавниот сектор – намалување на членовите на управните и надзорните одбори, укинување и спојување на непотребните институции и воведување јасни правила за професионално управување, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев.

– Доста беше јавниот сектор да биде сервис за партиските кадри и распределба на привилегии. Управните и надзорните одбори со години беа структури со преголем број членови, со сомнителни критериуми и без отчетност. Тоа е неприфатливо. Ќе воспоставиме ред – помалку одбори, помалку членови и избор само на професионалци со знаење, стручност и компетенции, а не со партиска книшка – рече Минчев во изјава за весникот Вечер.

Тој е дециден дека ќе се стави крај и на нефункционалните институции.

– Имаме институции кои постојат само на хартија, со по неколку вработени и преклопени надлежности. Тие не се вистински институции, туку симболи на неефикасност и расфрлање на државните пари. Со нивно спојување и оптимизација ќе обезбедиме рационализација – помалку трошоци, подобра координација и поефикасни услуги за граѓаните – рече Мичев.

Тој рече дека Владата е решена да изгради модерна и професионална администрација.

-Подготвуваме нов закон за висока раководна служба со кој ќе ја искорениме партизацијата при избор на функционери. Никој повеќе нема да биде назначен по партиска книшка, туку според знаење, искуство и стручни вештини. Тоа е реформата што Македонија ја заслужува – рече Минчев.

Според него, веќе има и конкретни резултати.

-Со укинувањето и фузионирањето на Инспекцискиот совет во рамки на Министерството за јавна администрација, заштедивме околу 300.000 евра годишно. Со замрзнувањето на платите на функционерите покажавме дека сме подготвени прво да почнеме од себе. Продолжуваме со суштинските реформи – намалување на одборите, оптимизација на нефункционалните институции и намалување на партиските привилегии – рече Минчев.

 

Поврзани содржини