НЕМА ВЕЌЕ ПАРИ ЗА ФАНТОМ КЛУБОВИ И ФЕДЕРАЦИИ Ќе финансираме исклучиво врз основа на резултати и програми, најави Ристовски

Критериумите дефинитивно ќе бидат променети уште при распределбата на годинешниот ваучер, а и дефинитивно планираме ново законско решение според кое ќе бидат распределувани парите, вели министерот за спорт Борко Ристовски.

1,203

Искоренување на корупцијата, контрола на трошењето на државните пари, влез на дополнителни 13,5 милиони евра во спортот и драстично подобрување на инфраструктурата најави министерот за спорт Борко Ристовски во интервјуто за Спорт1.

– Верувам дека ќе успееме да го завршиме сите инфраструктурни проекти што ги почнавме и кои ги планираме и да донесеме нов Закон за спорт, кој ќе биде далеку пофункционален од сегашниот. Ако го оствариме сето ова, заедно со другите работи што го предвидовме во програмата со која дојдовме на власт тогаш би бил презадоволен – истакнува Ристовски.






Министерот за спорт посочи дека во инфраструктурата ќе бидат насочени најголем дел од  средствата што ќе се соберт од акцизата од нафтените деривати.

– Уште пред изборите ветивме дека по еден денар од акцизата од нафтени деривати ќе заврши во спортот и планираме тоа да го исполниме. На овој начин би се собрале дополнителни 800 милиони денари, од кои планираме 85% од нив да бидат насочени во капитални инвестиции токму во инфраструктурата. Веќе најавивме реконструкција на салата ‘Расадник’, почнавме да го решаваме проблемот со двете сали во Прилеп и најавивме изградба на спортски комплекс во Гази Баба со две сали, од кои едната би била со капацитет од 4.200 седишта, а другата би била за борешки вештини. Ваков спортски комплекс планираме да се изгради и во Битола, како и атлетска патека во Гевгелија. Сето ова и тоа што понатака ќе го правиме на други места планираме да биде самоодржливо. Лесно е да се изгради, но тешко е да се сочува, поради што планираме греењето и ладењето да биде со соларни панели и централизиран систем, кој би можел да одржува и користи долги години. Сакаме спортистите да ги имаат идеалните услови за работа во лето и во зима, без грижа дали ќе им биде топло односно дека ќе им студи – вели Ристовски.

Ревизија на системот и дефинирање на критериумите за распределба на државните пари во спортот се еден од приоритетите на кои ќе биде посветено посебно внимание во новото Министерство за спорт.

– Фактот што сега имаме Министерство за спорт носи бенефит бидејќи веќе немаме потреби од комисии туку можеме директно да решаваме, што е уште еден доказ за бенефитот од ваквото „унапредување“ на АМС. Критериумите дефинитивно ќе бидат променети уште при распределбата на годинешниот ваучер, а и дефинитивно планираме ново законско решение според кое ќе бидат распределувани парите. Најголема измена е што ние како Министерство ќе ги преземем ингеренциите за распределба на државните пари во спортот, по што ќе распишеме критериуми кои ќе бидат базирани исклучиво на резултати и на програми и ќе финансираме само врз основа на резултати и програми. Секаков друг начин ќе биде џабе потрошено време и можност за корупција – истакнува Ристовски.

Суштинските промени на државното финансирање во спортот е со основна цел да се елимираат т.н. фантом клубови и федерации.

– Желбата ни е да ги примораме тие што добиваат државни пари да работат напорно за да ги оправдаат добиените средства. Исто така, сакаме да ги елиминираме т.н. фантом клубови и федерации, кои добиваа не така мали суми, а ништо не работеа. Ќе бараме извештај за се што е сработено и колку е реализирана програмата поради која добиле пари, се во интерес на развој на македонскиот спорт што е наша примарна цел – истакнува министерот за спорт.

Поврзани содржини