НЕМА ВЕЌЕ НЕДОПИРЛИВИ, НЕМА ВЕЌЕ „ТОЈ Е НАШ“ Формирано тело за брза реакција против корупцијата
Ќе следиме конкретни резултати. Ќе поставиме индикатори и истите ќе ги објавуваме јавно. Јас лично, како претседател на Владата, ќе бидам дел од секој извештај, секоја средба, секоја проценка. Ќе бидам најгласниот поддржувач на ова тело, но и негов најголем критичар, ако не дава резултати, рече премиерот Христијан Мицкоски на на конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
Ова тело е чекор напред во обидот конечно да воспоставиме функционален и синхронизиран систем кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во Владата на конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
– Веднаш да бидам јасен. Ова тело нема да биде само уште една административна конструкција. Ние сме овде за да создадеме нова форма којашто ќе има суштина, а нема да биде форма без содржина. Сакаме да изградиме механизам што ќе делува брзо, ефикасно и бескомпромисно – рече Мицкоски.
За жал, изминатите години гледавме како корупцијата тивко, но упорно ја разјадува довербата и кај граѓаните, но и во институциите, рече премиерот во обраќањето пред министрите, амбасадорите и претставниците на граѓанските организации за борба против корупцијата.
– Гледаме судски постапки што траат со години. Обвиненија што никогаш не завршуваат со пресуда. Истраги што се отвораат само кога ќе станат медиумска сензација. Сето тоа создаде чувство кај граѓаните дека правдата е селективна, а корупцијата – прифатена. И токму тоа е најголемата штета. Не само изгубените пари. Туку изгубената верба. Корупцијата убива надеж. Ги тера младите да си заминат. Ги обесхрабрува чесните. Го подрива општеството. Сакам да подвлечам дека корупцијата е најголема пречка за растот, развојот и иднината на една држава – рече Мицкоски.
Не смееме да делуваме отсутно и да не зборуваме за случаите кои силно удираат по правдата, додаде тој.
– Ова е моментот кога мора да покажеме дека законите важат за сите. Оваа борба не е само борба против криминалот и корупција, туку ова е борба за душата на нашата татковина. За вредностите што сакаме да ги живееме. За тоа дали ќе бидеме општество на ред и закон или на врски и на договори под маса – рече Мицкоски.
Меѓуресорското тело има историска одговорност да воспостави координација помеѓу сите клучни институции. Тоа се: Државната комисија за спречување на корупцијата, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Царинската управа, Министерството за правда, Министерството за финансии и други.
– Овие институции веќе имаат надлежности. Она што им недостасува е координација, храброст и одговорност. Ова тело мора да биде местото каде што информациите се споделуваат навремено.
Каде што никој не премолчува. Каде што се преземаат иницијативи, се следат случаи и се бараат резултати – додаде премиерот Мицкоски.
Тој рече дека мора да се признае реалноста и дека граѓаните не се задоволни од работата на судиите.
– Судството и обвинителството се слабата алка во борбата против корупцијата. И тоа не е мое мислење. Тоа е впечаток на народот. А народот не греши кога со години гледа како правдата се одложува, извртува, исчезнува. Судството мора да ја врати својата улога, не како нем набљудувач, туку како клучен актер во оваа борба. Ќе ги поддржиме со законски решенија, со буџет, со логистика, сè што треба ќе направиме. Но, истовремено бараме отчетност. Не може повеќе предметите да чекаат, додека јавноста очекува. Како што има кажано Винстон Черчил: „Силата на еден народ не се мери само со армијата, туку и со правдата што тој народ ја гарантира“. Граѓаните не сакаат спектакл. Тие сакаат резултати. Сакам да гледаме функционери коишто кога ќе се огрешат, кога ќе бидат вовлечени во криминал ќе одговараат, институции што не толерираат, и систем што штити, а не краде – им порача Мицкоски на судиите.
Нема да дозволиме борбата против корупција да остане на хартија, повтори тој.
– Ќе следиме конкретни резултати. Ќе поставиме индикатори и истите ќе ги објавуваме јавно.
Нема веќе недопирливи. Нема веќе „тој е наш“. Јас лично, како претседател на Владата, ќе бидам дел од секој извештај, секоја средба, секоја проценка. Ќе бидам најгласниот поддржувач на ова тело, но и негов најголем критичар, ако не дава резултати, се разбира. Ова не е борба на една Влада. Ова е борба на целото општество – рече Мицкоски.
На крајот од својот говор премиерот Мицкоски ги повика граѓаните, медиумите, невладиниот сектор и бизнисот да бидат дел од овој процес, да пријавуваат, да реагираат и да не молчат.
– Ќе изградиме систем каде што функцијата ќе значи служба, а не привилегија. Каде што законот ќе важи за сите – не само за обичниот човек. Каде што младите ќе останат тука – затоа што ќе имаат причина да веруваат. И не заборавајте корупцијата е најголемата пречка за растот, развојот и иднината на една држава. Да создадеме држава која нема да се срами од вистината. Туку ќе се гордее со неа. Држава во која корупцијата не е навика – туку забранета зона. Држава во која не победуваат најгласните – туку најчесните – рече премиерот Христојан Мицкоски на конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.