Актерите од МНТ кои подолго време не работат, а земаат плати, треба да разберат дека се дел од театарот. Ако не го сфатат тоа на нивно место ќе бидат примени млади актери, вели в.д. директор на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски во интервју за Телма.
Тој во интервјуто зборува за неговите приоритети, МНТ да го направи театар со фокус на големата сцена и дека ученици ќе доаѓаат организирано да учат што е театар.
За најавеното отворање на летната сцена во септември, што ќе го носи името на починатиот актер Славиша Кајевски, Кимовски вели дека не може порано зашто театарот е на колективен одмор во август.
Во врска со потребата од санација на зградата на МНТ од протекувањата на дождови, тој рече дека од новиот министер за култура и туризам добил ветување дека до крајот на годината ќе се обезбедат пари за поправка на објектот.