НЕМА УВОЗ АКО НЕМА ОТКУП Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе иницираат промени во Законот за откуп на тутун
Ќе иницираме измени во Законот за откуп на тутун со тоа што би се забранил увозот на тутун, сè до оној момент додека не се откупи и последното ливче од нашиот домашен тутун, информираше ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалниците од регионите во кои се одгледува тутун, денеска се собраа на координативна средба на која се разгледуваше ниската цена на тутунот и една од главните теми беше изнаоѓање решенија за повисоки откупни цени, информираше ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Градоначалникот на општина Могила, Драганчо Саботковски, рече дека причина за оваа регионална средба е токму ниската откупна цена и еден од заклучоците кои ги донеле на тој координативен состанок бил да се достават барања до Државниот земјоделски инспекторат да излезе на терен се со цел реална проценка на тутунот. Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески најави дека ќе има почести вакви комуникации и контакти со здруженијата на тутунопроизводителите, каде што секојдневно ќе можат да им реферираат за класата и цената со која се настапува а се со интерес правилно да бидат проценети класите. Еден од заклучоците беше и преку нашите пратеници од регионот секој да се погрижи на наредната собраниска седница да се издејствува, да се иницира измени во Законот за откуп на тутун со тоа што би се забранил увозот на тутун, сè до оној момент додека не се откупи и последното ливче од нашиот домашен тутун. Со тоа би го заштедиле и домашниот тутун, но воедно и секој нареден од тутунопроизводител би вложил и во иднина, со идна реколта да се погрижи да допринесе за своето семејство и би се намалило иселувањето на младите од нашата земја“, се вели во партиското соопштение.