НЕМА УСТАВНИ ИЗМЕНИ БЕЗ ГАРАНЦИИ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈА Премиерот со јасна порака кон Бугарија и кон ЕУ

Мицкоски истакна дека Владата нема да прифати уставни измени без формализирани гаранции од ЕУ за македонскиот идентитет, јазик и непречено евроинтегрирање.

377

Ставот на Владата за уставните измени останува непроменет, истакна вечерва премиерот Христијан Мицкоски во гостување во Дневникот на Македонската радио-телевизија (МРТ). Тој нагласи дека тие нема да се реализираат без јасни гаранции дека процесот на евроинтеграција нема да биде сопрен од нови блокади или билатерални условувања.

– Земјава е подготвена да ги почитува преземените меѓународни обврски, но истото го очекуваме и од соседите и од Европската Унија – рече Мицкоски, посочувајќи дека Бугарија треба да ги почитува конвенциите што ги ратификувала, вклучително и овозможување регистрација на македонската заедница и претставник во Советот за малцински права.






Премиерот објасни дека државата е свесна за обврските преземени од претходната влада и дека тие продолжуваат да се почитуваат.

– Доколку се однесувате вон институциите, ќе бидете изолирани, а прашањето е каква иднина ѝ следува на државата. Колку и да е горчливо, тоа е реалност – додаде Мицкоски.

Тој се осврна и на разговорите со меѓународната заедница, истакнувајќи дека добива уверувања оти ЕУ го признава македонскиот идентитет, но дека овие гаранции мора да се формализираат преку заклучок на Советот на ЕУ.

– Ако навистина го мислите тоа, ве молам, донесете заклучок за да можеме јасно да ги информираме граѓаните, сакаме ли во Европска Унија, а дали имаме гаранции за нашиот јазик и идентитет – рече Мицкоски.

Во однос на можен „нонпејпер“ од еврокомесарката за проширување Марта Кос или нови документи за олеснување на членството, премиерот посочи дека таков документ сè уште не е пристигнат:

– Може Комисијата да даде предлог, но за тоа да функционира, мора да се согласат земјите членки. Процесот зависи од политичката волја на земјите-членки да прифатат нови методологии, како постепена интеграција со заштитни механизми – појасни Мицкоски.

Тој предупреди на внимателност во изјавите, додавајќи дека новите методологии би можеле да вклучуваат ограничувања во користењето на структурните фондови и дека се разгледуваат различни сценарија за обезбедување на интеграцијата.

Поврзани содржини