НЕМА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА КРИМИНАЛНИТЕ ГРУПИ Курти го повика народот да не потпаѓа под влијание на српските медиуми

„Криминалот и криминалните групи нема да бидат толерирани и ќе бидат сузбиени. Ќе се бориме против шверцот и ќе го спречиме тоа”, напиша косовскиот премиер Албин Курти на Фејсбук.

877

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека денешната акција на косовската полиција е насочена против шверц во Приштина, Пеќ и во северниот и во јужниот дел на Косовска Митровица.

Курти на својот Фејсбук профил напиша дека косовската полиција претпладнево пребарала неколку локации во Пеќ и во Приштина и дека е запленета голема количина стока.






Тој потврди дека полициската акција е завршена и ги повика граѓаните во северниот дел од Косовска Митровица да не потпаѓаат под влијание на медиумите во Србија.

„Криминалот и криминалните групи нема да бидат толерирани и ќе бидат сузбиени. Ќе се бориме против шверцот и ќе го спречиме тоа”, напиша Курти.

Инаку, Србинот Среќко Софронијевиќ, кој утринава беше застрелан во упадот од специјалните единици на косовската полиција, во моментов е на операција во болницата во Косовска Митровица, дознава „Блиц“.

Има тешка прострелна рана, но според првичните информации, тој не е во животна опасност.

Софронијевиќ беше застрелан во моментот кога косовската полиција отвори оган, а насобраните Срби почнаа да трчаат кон засолништето. Тој бил застрелан одзади во Звечан, каде што косовската полиција, како и во Косовска Митровица, провалила во објектите.

– Повредата е нанесена со огнено оружје, тој е застрелан во пределот на градниот кош. Неговото рамо и ребро беа повредени, се подготвуваме за оперативната сала да му го извадиме куршумот. Тој е на интензивна нега и е во тешка состојба – изјави за „Косово онлајн“ хирургот Златан Елек, директор на КБЦ Косовска Митровица.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се упатил во Рашка на итен состанок со претставниците на Србите во Косово и Метохија.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска ги повика НАТО и КФОР итно да реагираат на Косово и како што додаде „да го скротат премиерот на Косовo Албин Курти“.

– Ситуацијата е повеќе од драматична и ова е последен момент во кој е неопходна јасна реакција за да се запре лудата политика што ја води Приштина. Ваквото однесување ја надмина секоја мерка и нѐ носи на работ на хаос – се наведува во соопштението од кабинетот на српската премиерка.

Инаку, до ескалација на северот на Косово дојде откако косовската полиција во северниот дел на Косовска Митровица ја започна акцијата и упадна во аптека во северниот дел на градот.

Поради тоа, во градот се огласија сирени, граѓаните излегоа на улица, а на снимките се слушаат неколку експлозии, за кои се претпоставува дека се шок бомби.

Поврзани содржини