Нема тендер за картичките за српските туристи, ама 2,8 милиони евра ќе легнат на сметка на ЈП државни патишта
Според најавеното, картичките ќе бидат надополнети со 760 денари колку што е износот на патарината во двата правца од Табановце до Богородица.
Јавното претпријатие за државни патишта нема да распишува нов тендер за изработка на М-Кард картичките за српските туристи кои Владата ги ослободи од плаќање патарина за време на летната сезона во периодот од 15 јуни до 15 август годинава. Претпријатието веќе ги изготвува картичките, а потоа ќе ги предаде во Министерството за внатрешни работи чии екипи на граничниот премин Табановце ќе ги распределуваат на српските туристи. Српските туристи само ќе треба да кажат дека патуваат на одмор во Грција и ќе ги добијат картичките.
Опозициските партии и граѓаните реагираа на бројот на картичките и начинот на кој тие ќе бидат подготвени. Тие предлагаат само да се кренат рампите за српските туристи, а не да се користат картички. Владата се правда дека парите ќе бидат префрлени на сметката на ЈП државни патишта за покривање на загубата поради нејзината одлука.
Од Јавното претпријатие велат дека веќе ги изготвуваат картичките кои ги имаат обезбедено во претходен тендер.
– Картичките веќе се изработуваат бидејќи М-Смарт картичките се во сопственост на Јавното претпријатие за државни патишта, согласно Договорот со турски Аселсан за имплементација на електронската наплата на патарина на наплатните станици на Коридор 10, и со отпочнувањето на електронската наплата во јули 2019 година, електронските уреди М-Смарт кард се предадени како готов производ на ЈП за државни патишта – велат од ЈП за државни патишта.
Според најавеното, картичките ќе бидат надополнети со 760 денари колку што е износот на патарината во двата правца од Табановце до Богородица. Владата, меѓутоа, ќе треба да издвои и дополнителни 100 денари колку што чини издавањето на смарт картичката или вкупно 860 денари по картичка.
За реализирање на оваа одлука Владата најави дека издвоила 2,8 милиони евра кои треба да му префрли на ЈП за државни патишта за изготвување на 200.000 смарт картички наменети за српските туристи кои ќе патуваат по коридорот 10. Српските туристи кои ќе летуваат во земјава не се опфатени со оваа владина одлука, бидејќи нема електронска наплата на патарините на дел од автопатите.
Износот кој државава го планира за плаќање на патарините на српските туристи кои ќе летуваат во Грција, како и бројот на пресметаните картички, предизвика реакција кај граѓаните и партиите.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се посомнева дека власта ќе спроведе незаконска набавка на картички за српските туристи кои бесплатно ќе патуваат низ земјава во следните месеци. Пратеникот Кирил Пецаков обвини дека Владата расипнички и нерационално планира да потроши 3 милиони евра, наместо мерката да се спроведе, како што рече, со едноставно кревање рампа и видeo надзор на возилата со српски регистарски таблички.
– Владата и Зоран Заев мора да одговорат како е дојдено до таа сума од 3 милиони евра за набавка на картички за патарина? Владата и Зоран Заев мора да одговорат зошто оваа мерка не се воспостави со едноставно кревање рампа и видеонадзор на автомобилите со српски регистарски таблички? Исто така, како пратеник што доаѓа од Охрид, јас и охриѓани сакаме да добиеме одговор од Зоран Заев и од Владата, зошто оваа мерка не се воспостави и не важи и за Охрид како летна туристичка дестинација за илјадници српски државјани, туку важи само за Грција? – пеаша Пецаков.
И лидерот на опозициската Левица Димитар Апасиев се посомнева во мотивите на владата со ослободувањето на српските туристи од патарините преку употреба на смарт картичките. Тој смета дека постои многу поедноставно решение за тоа.
– Ама вас ви е битно тендерчето за „картичките“ да си го наместите – прокоментира Апасиев.
Владата појасни дека пресметките за бројот на картички се направени врз основа на анализите на поминати возила за 2019 година, кога имало рекорден приход од наплата на патарина и транзитирале рекорден број возила. Оттаму е извлечена бројката од 200.000 картички.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дообјасни дека сумата која ќе му се префрли на Јавното претпријатие за државни патишта кое стопанисува со патарините не е за картичките туку за намалениот приход на претпријатието поради оваа активност на владата.
– Во суштина, тоа не се пари за картички. Тоа е надомест на тоа што ќе се изгуби како приход во ЈП за државни патишта. Тие средства одат на одржување на јавните патишта во државата, на нови инвестиции – рече Битиќи.
Премиерот Зоран Заев, пак, изјави дека земјава од Србија доби 48.240 вакцини кои чинат 700.000 евра, а ослободувањето на српските туристи од плаќање патарини е благодарност за српскиот гест.