НЕМА ШАНСИ МАКЕДОНИЈА ДА ПРИФАТИ МИГРАНТСКИ КАМПОВИ Тошковски жестоко одговори од Брисел
Министерот Панче Тошковски од Брисел порача дека Македонија никогаш немала, ниту ќе има намера да отвори мигрантски кампови, отфрлајќи ги шпекулациите за „хаб центар“.
Македонија ниту размислува, ниту има какви било шанси да прифати да стане центар за мигранти или локација за отворање мигрантски кампови, изјави вечерва за МИА министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска во Брисел учествуваше на Меѓународната конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти.
– Во изминатиот период се крена прашина, особено од страна на опозицијата, иако тоа нема никаква врска со реалноста или логиката, дека Македонија треба да претставува некаков хаб или погодна почва за прифаќање мигранти што не би биле прифатливи за ЕУ или за земји кои се традиционални пријатели на Македонија, како што е Велика Британија – нагласи Тошковски.
Тој истакна дека за такво нешто никогаш не било разговарано во Министерството за внатрешни работи и дека не постои никаква можност државата да прифати вакво барање.
– Овде би го потенцирал она што денеска го кажаа и претседателката и премиерот, а претходно и министерот за надворешни работи, Македонија ниту размислувала, ниту размислува, ниту има шанси во иднина да прифати да биде хаб центар или да отвори кампови за мигранти. Такво нешто ниту имало, ниту ќе има – додаде тој.
Во однос на регулативите на Европската унија поврзани со Пактот за азил и миграција, Тошковски објасни дека земјава, како дел од пристапниот процес, ќе треба да работи на усогласување на домашното законодавство со европските директиви.
Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти претставува светски форум во кој учествуваат земји што се соочуваат со легална и илегална миграција, држави на потекло, транзитни држави како Македонија и земји кои се крајна дестинација на мигрантите.
На конференцијата, која е втора по ред во рамките на Алијансата, се дискутирало за превентивни активности што треба да ги преземат земјите и за соочувањето со предизвиците, особено во земјите членки на ЕУ. Присуствувале министри за внатрешни работи и миграција, како и претставници на меѓународни организации.
На настанот била усвоена и Декларација која ги дефинира идните приоритети во борбата против криумчарењето мигранти и против илегалната миграција.
На маргините од конференцијата, Тошковски остварил средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Разговарале за евроинтеграциите, за координирани европски политики во управувањето со границите и за предизвиците од мигрантските рути што ја засегаат Македонија. Тошковски истакнал дека бројот на нелегални мигранти кои транзитираат низ земјава е намален за околу 10 проценти, со пад на мигранти од Сирија и раст на оние од Авганистан.
Министерот го информирал еврокомесарот и за акциите против трговијата со дрога, истакнувајќи дека годинава се запленети над два тона марихуана, 11 килограми амфетамин и околу седум килограми хероин.
Тошковски остварил средба и со пакистанскиот министер за внатрешни работи и контрола на наркотици, Мохсин Раза Накви, со кого разговарал за престојниот Меморандум за соработка во борбата против тероризмот и илегалната миграција. Се сретнал и со новоизбраната генерална директорка на ИЦМПД, Сузане Раб, со која размениле ставови за продлабочување на соработката.
– Можам да констатирам дека денешните дискусии беа плодни и очекувам дека ќе ја интензивираме борбата против криумчарењето на мигранти и ќе дадеме силен одговор на организираните криминални групи што го злоупотребуваат мигрантскиот процес – изјави Тошковски за МИА.