НЕМА РЕТРОАКТИВЕН ДАНОК ЗА РАБОТЕЊЕТО ВО СТРАНСТВО Од УЈП уверуваат дека ќе им се излезе во пресрет на граѓаните

Директорката на УЈП вели дека обврската постои од 2020 година, но институцијата ќе покаже разбирање за граѓаните кои тешко обезбедуваат документација од странство.

0

Данокот за приходите остварени во странство не е нова обврска и не станува збор за ретроактивно оданочување, порача директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, по средбата со стопанствениците во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Петрова објасни дека обврската за пријавување и оданочување на ваквите приходи постои уште од 2020 година, но призна дека дел од граѓаните денес се соочуваат со сериозни проблеми – особено при обезбедување документи за веќе платен данок во странство.






– Свесни сме дека некои граѓани тешко доаѓаат до потврди од странските институции, па затоа УЈП ќе им излезе во пресрет – истакна Петрова, додавајќи дека ќе се прифаќаат различни видови докази, а паралелно ќе се воспостави и административна соработка со даночните власти во други држави.

Најмногу случаи има кај граѓаните кои работеле во Авганистан и во Ирак. Од околу 1.100 лица, документи досега доставиле приближно 200, додека за останатите УЈП побарала податоци и листи од компаниите преку кои биле ангажирани, со цел службено да ги провери информациите.

Дополнителни проверки ќе се вршат и за македонските државјани кои биле дел од мировни мисии, каде што, како што беше посочено, данокот бил платен преку Министерството за одбрана.

Петрова најави дека аконтациските решенија за 2020 година ќе бидат заменети со конечни, а процесот на корекции привремено ќе мирува сè додека не се обезбедат сите потребни податоци.

Поврзани содржини