НЕМА ПРОСТОР ЗА ПАНИКА, ЗАЛИХИТЕ СЕ СТАБИЛНИ Мицкоски вели дека состојбата со горивата е под контрола

По средбата со претставници на нафтената индустрија, премиерот Христијан Мицкоски порача дека во државата има доволно залихи на горива и дека снабдувањето е стабилно и покрај кризата на Блискиот Исток.

479

Нема простор за загриженост и снабдувањето со горива во државата е стабилно, порача премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претставници на нафтената индустрија, на која се разговарало за состојбата со нафтените деривати во услови на глобални енергетски предизвици.

Премиерот информираше дека на состанокот се анализирала актуелната состојба на пазарот, особено во контекст на кризата на Блискиот Исток и можните влијанија врз снабдувањето со енергенси.






– Разговаравме за актуелната состојба со нафтените деривати, имајќи ја предвид кризата на Блискиот Исток и глобалните предизвици во оваа индустрија. Заклучивме дека нема простор за загриженост и дека состојбата е целосно под контрола. Залихи на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат – напиша Мицкоски на својот профил на Фејсбук.

Тој посочи дека институциите внимателно ќе ја следат состојбата и дека ќе реагираат доколку се појават потреби за дополнителни мерки.

– Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата и ќе реагираме во зависност од реалните потреби – додаде премиерот.

Изјавата на Мицкоски доаѓа во период на зголемена неизвесност на светските енергетски пазари, поради ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток и можните последици врз глобалното снабдување со нафта и нафтени деривати.

Поврзани содржини