Нема празни болнички кревети во Прилеп, Струмица, Велес и во Куманово
Со секојдневна комуникација пациентите се упатуваат во други болници, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Нема место во повеќе болници во земјава, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
– Нема место во болницата во Прилеп, а нема ниту на инфективните одделенија во Струмица, Велес и Куманово. Со секојдневна комуникација пациентите се упатуваат во други болници. Целосно е спремна болницата во Кочани и во Кавадарци. Во Скопје, на Клиника има околу 20 празни места и на располагање е модуларната болница со капацитет од 72 кревети. Болницата „Осми Септември“ ќе продолжи со нормална работа, а во таа смисла е системот на ротација. Во секој момент и во другите градови можат да се зафатат кревети, но засега не е тоа неопходно – рече Филипче.
Во поглед на најавената мерка за постојано носење заштитна маска на отворено, министерот рече дека само така може да се подобри епидемиолошката слика во земјава.
– Таа мерка заедно со забраната за групирање е практично најважниот дел од целокупната превенција. Така може да се подобри епидемиолопшката слика – истакна Филипче.