НЕМА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА Собранието ја констатира оставката на Заев (ОБНОВЕНО)

За денеска покрај 55-та собраниска седница со дневен ред Поставување на пратенички прашања, се закажани и продолженија на уште пет други собраниски заседанија.

496

Собранието на Република Северна Македонија денеска на седницата за пратенички прашања ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев. Оставката беше констатирана без премиерот Заев усно да ја образложи. Неговата оставката повлекува оставка и на целата Влада.

Оставката на премиерската функција Заев ја поднесе писмено вчера до претседателот на Собранието, Талат Џафери.






Во доставената оставка Заев наведе дека ваквата одлука ја презел како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.

На премиерската функција Заев беше од 31 мај 2017 година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15 јули минатата година.

Со констатирањето на оставката почнуваат да течат уставните рокови за избор на нова Влада.

Уставот на Република Северна Македонија и собранискиот Деловник ја регулираат постапката во случај на оставка на претседателот на Владата.

Во членот 93 од Уставот е наведено дека „Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. Владата која поднела оставка или на која мандатот и престанал, останува на должност до изборот на нова Влада“.

Во член 219 од Деловникот на Собранието, пак, стои дека „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.

Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.

Потоа, според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

По констатирањето на оставката, се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик министер за финансии Димитар Ковачевски.

По добиениот мандат Ковачевски во првата половина на следниот месец до Собранието би требало да ги достави програмата и предлогот за состав на новиот владин кабинет, по што би уследил избор на неговата влада на собраниска седница.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите информира дека седницата за пратенички прашања закажана за денеска, нема да се одржи.

Тој оцени дека е нецелисходно да се одржат пратеничките прашања, бидејќи Владата е во оставка и тоа е воспоставена практика од минатото.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова вчера во изјава пред Собранието порача дека пратеничката група на најголемата опозициска не се откажува од уставното право за пратенички прашања.

– Сакам да укажам на проблем за којшто мислам дека е актуелен. Во членот 93, став 5, јасно стои дека Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или мандатот ѝ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада. Во правото постои институтот „Влада во оставка“, што има одговорност. Сега укажувам на еден чуден феномен, а тоа е дека од 24 јуни ние не сме имале пратенички прашања, што значи дека не сме можеле да ја оствариме контролната функција во името на граѓаните – изјави Силјановска-Давкова.

Таа посочи дека одредбата во деловникот вели дека пратенички прашања се поставуваат во последниот четврток во месецот, а пред да се закажат тие се предмет на разговор меѓу координаторите на политичките партии и претседателот во Собрание.

Силјановска-Давкова додаде дека од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ е информирана оти со претседателот на Собранието се договориле денеска да се одржи седница за пратенички прашања.

За денеска покрај 55-та собраниска седница со дневен ред Поставување на пратенички прашања, се закажани и продолженија на уште пет други собраниски заседанија.

Поврзани содржини