НЕМА ПОВЕЌЕ СКАПИ ЗАЕМИ Нов модел со Британија, Димитриеска-Кочоска ветува поевтино и попродуктивно финансирање

Министерката Димитриеска-Кочоска вели дека новиот инвестициски циклус ќе донесе проектно финансирање по европски модел со поддршка од Обединетото Кралство.

237

Проектното финансирање како модел за реализација на крупни проекти, каков што се применува во многу европски земји, ќе стане реалност и во Македонија, преку нов инвестициски циклус поддржан од Обединетото Кралство. Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за емисијата „360 Степени“.

– Во однос на новиот инвестициски циклус, станува збор за проектно финансирање, што значи дека конечно ќе постапуваме како секоја една европска држава. Поточно, се почнува со конкретен проект, има инвестиција за која однапред се знае колкав е периодот на изведба, и во тој период не се врши отплата – тоа е таканаречениот грејс период. Потоа следи периодот на отплата, чија должина ќе ја покаже физибилити студијата, која ќе ги определи и очекуваните приходи од проектот – изјави министерката.






Таа нагласи дека Владата не предвидува оптимистички сценарија со веднаш повлекување на целата сума од 6 милијарди евра, туку планира постепено финансирање, согласно зрелоста на проектите. Како пример ги наведе тековните проекти во железничката инфраструктура и здравството.

Во однос на изворите на финансирање, министерката појасни дека тие ќе бидат комбинирани, при што дел од средствата ќе бидат обезбедени од британската Влада. Средствата ќе се повлекуваат постепено, во согласност со реализацијата на проектите.

– Авансно плаќање нема да има. Првата фактура се очекува во 2027 година. Средствата ќе се повлекуваат како што се реализираат проектите. Во текот на петгодишниот циклус, ќе следиме динамика на реализација и соодветно ќе плаќаме. Првично беше најавено дека ќе имаме грејс период, период на изведба и потоа период на отплата – додаде таа.

Министерката нагласи дека ваквиот модел е суштински различен од издавањето еврообврзници.

– Издавањето еврообврзница не значи проектно финансирање. Кога се работи за крупни проекти кои имаат додадена вредност за идните генерации, логично е трошокот да го споделите со нив. Не можете целото финансиско бреме да го носите сега. Така беше со Коридорот 8 и 10д. Во 2023 година беа префрлени 14,5 милијарди денари, односно 230 милиони евра кон „Бехтел и Енка“. Истата година беше издадена еврообврзница со која беше финансиран тој дел, по камата од 7%. Прашањето е – дали тоа е во ред? Затоа сега велиме дека одиме со проектно финансирање кое ќе биде поевтино од тие 7%, со што во првите години само ќе инвестираме, без отплата – рече Димитриеска-Кочоска.

Во врска со јавниот долг, министерката нагласи дека кога се инвестира, паралелно се поттикнува и растот на БДП.

– Не може да се очекува задолжување, а да нема раст на БДП и да се зголемува јавниот долг. Тоа беше можно порано, кога средствата се трошеа непродуктивно – преку трансфери кон јавни претпријатија и акционерски друштва – додаде таа.

Според Димитриеска-Кочоска, првиот инвестициски циклус ќе трае околу пет години, со годишно повлекување на околу 400 милиони евра, односно вкупно од 2 до 2,2 милијарди евра.

– Овие средства нема само да влијаат врз јавниот долг, туку ќе придонесат и за растот на економијата. Преку реализацијата ќе бидат ангажирани домашни компании – истакна министерката.

Дополнително, таа објасни дека дел од проектите во здравството, кои ќе бидат дел од првиот циклус, се веќе буџетирани и нивната реализација нема да има влијание врз јавниот долг.

Во однос на конкретните услови на финансирањето, министерката истакна дека преговорите се уште траат и дека сите детали ќе бидат познати по потпишувањето на Меморандумот за разбирање.

– Во целиот процес ќе се обезбеди конкурентност и целосно почитување на Законот за јавни набавки – заклучи Димитриеска-Кочоска.

Таа истакна фискалната консолидација останува приоритет на Владата и нема да отстапиме од она што е дефинирано со Фискалната стратегија. Кулминацијата ја достигнавме и сега ќе одиме кон намалување на јавниот долг.

– Буџетскиот дефицит минатата година беше 4,4% од БДП, Оваа година е 4%. Јавниот долг во првиот квартал од 2025 година е најнизок во последните 5 години и првпат од 2018 година наваму бележи намалување во споредба со крајот на годината. Односно, од 2018 година наваму нема година освен оваа во која јавниот долг во првиот квартал е помал отколку на крајот на годината – рече министерката за финансии и додаде дека долгот во првиот квартал е намален за 36 милиони евра, нешто што не се случувало во минатиот период.

Потенцира дека има внимаелен пристап во работењето и дека тоа ја покажува грижата кон Буџетот.

– Можев и јас како во претходниот период. Се задолжувале во првиот квартал за да бидат спокојни до крајот на годината, а потоа ги плаќале каматите граѓаните. Можев и јас да ја задолжам државата 300-400 милиони евра и потоа да плаќаме камата од 7% секој месец. Но кој ќе одговра. Оваа министерка тоа нема да го дозволи. Тоа го покажуваат и податоците – рече минитерката.

Таа потенцира дека задолжувањето е оправдано само ако има додадена вредност во економијата.

Поврзани содржини