НЕМА ПОУБАВО ОД НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР ЗА ПЛАТА ОД 100.000 ДЕНАРИ Работи ли нешто или само клати врата?
Кои се националните координатори и што навистина работат тие? Нивните плати се високи, но нивната работа останува мистерија за јавноста. Дали се вистински функционери или само лица блиски до владејачките партии?
Плата од 105.000 денари. Никој не знае точно што работиш, кому одговараш и колку често даваш отчет. Имаш и заменици и помошници. Те нема во јавноста, ако не сакаш да те има. Кога те има, подобро да те нема. Кој не сака таква функција?
Освен тоа, има големо и спектакулрано име – национален координатор. Под „национален“ се мисли на државен. Ако се мисли. Координатор за нешто што не е искоординирано дури и во влада која има повеќе ресори од прстите на двете раце и двете нозе.
Каде го има тоа? Во Македонија, нормално.
За нив нема посебен закон
Иако се дел од извршната власт, не постои посебен закон или правилник кој ги регулира обврските на националните коордфинатори. Останува нејасно кои се нивните задачи, колку „вредат“ нивните одлуки и дали институциите треба да ги почитуваат. Затоа, кај јавноста останува впечатокот дека овие функции се создадени за да се „вдомат“ блиски луѓе до владејачката партија, кои останале без друга позиција.
Од Владата тврдат дека некои координатори се именуваат според Законот за Влада, а нивниот мандат не е наведен. Други, пак, се именуваат според посебни закони и имаат јасно определен мандат.
ВМРО-ДПМНЕ разреши 16, а постави 6
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на една од последните седници ги разреши сите национални координатори и нивните заменици кои беа именувани од претходната влада на СДСМ. Вкупно 16 координатори беа разрешени, а досега се именувани 6 нови.
Влатко Ѓорчев е новиот национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси, додека Лилјана Затуроска ќе ја координира локалната самоуправа. Верче Мицевска е поставена за национален координатор за безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика.
Претходно, Павле Трајанов беше именуван за координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, а Блерант Рамадани за примена на нови технологии. Солза Грчева, претседателка на Глас за Македонија, е новиот координатор за реформи во високото образование.
СДСМ со жестоки критики и со кратко паметење
Опозицискиот СДСМ остро ги критикуваше новите именувања, обвинувајќи дека бројот на координаторите е преголем. Социјалдемократите саркастично прашаа „дали Владата ќе именува и национален координатор за координација на координаторите?“.
– Владата секој ден именува нови национални координатори за разни прашања. Ова е ништо друго освен легализирана кражба на буџетот. Даваат плата од над 100.000 денари на заслужни партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ, како Влатко Ѓорчев, Лилјана Затуроска, Павле Трајанов и други – обвини СДСМ.
Но, опозициската партија како да заборави на четата национални координатори именувани од претходната влада. Најбесмислената координаторска функција беше онаа на Мартин Попов, тогаш и шеф на кабинетот на експремиерот Димитар Ковачевски – тој беше координатор за следење на реализацијата на програмата на Владата. Упатените во бирократијата на Илинденска открија дека таа работа (следењето) било надлежност на Генералниот секретаријат, каде имало и посебен сектор за оваа намена.
Како и да е, на седница пред два месеца, Владата ги разреши сите дотогашни национални координатори и заменици, меѓу кои и Владимир Пивоваров, координатор за гранично управување, Борче Мирчески (медијација), Фатмир Ејупи (социјална заштита и процес на деинституционализација), Бедри Бехадини (информатика и енергетика), Фатон Асани (соработка со дијаспората), Маја Мојсова Мијовска (трансплантација), Златко Апостолоски (спречување насилен екстремизам и борба против тероризам), Владимир Симоновски (имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи).
Најинтересна беше функцијата на Рамадан Рамадани, национален координатор за кохезија, бидејќи никој не разбра за каква кохезија станува збор. А најоговаран беше поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, кој откако ја изгуби министерстката фотелја, се „прослави“ како координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка.
Еее, дури и Стево Пендаровски еднаш беше координатор…
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ поставувале луѓе без искуство како Алаѓозовски и Попов, додека нивната влада назначува луѓе со кредибилитет и минато трудоносно искуство.
– Национален координатор во време на СДСM беше и Стево Пендаровски, најслабиот претседател во историјата на Македонија. За разлика од времето на СДС, владата на ВМРО-ДПМНЕ поставува луѓе со голем кредибилитет и искуство – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Еден оди десет води – координирањето е заразно!
Павле Трајанов, новиот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, тврди дека има секојдневни обврски и дека во неговата област има многу работа.
– Јас секој ден имам обврски и состаноци, затоа што има многу институции од областа на безбедноста, но тие не се координирани од еден центар за своите активности. Поврзани со функцијата национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, досега беа 10 луѓе, 2 заменици и 8 помошници. Јас побарав да нема заменици, а од оние 8 помошници ќе останат само 2, кои се навистина стручни – уверува Трајанов.
Тој признава дека некои координаторски позиции навистина се непотребни и неактивни, но тврди дека во некои области, како во високото образование, се потребни реформи и дека новоформираните тела можат да ги покренат потребните промени. Националните координатори треба стратешки да ги постават работите и да нудат решенија.
Но, негово искуство од претходната влада, во која беше национален координатор за кризни состојби, не е охрабрувачко.
– Таму изработив анализа на законските решенија од областа управувањето со кризи и донесов платформа и стратегија за реформи. Но, се појави отпор во институциите за управување со кризи и моите препораки и предлози како национален координатор останаа само на хартија – се жали Трајанов.
А дека фали национален координатор за кохезија – фали…
Функцијата на националниот координатор е релативно нова и стана популарна во последната деценија. Именувањата се вршат според член 36 став 6 од Законот за Влада, но тој став не ги споменува директно националните координатори. Од Владата појаснуваат дека тие се именуваат според различни закони, во зависност од потребите на извршната власт.
Така, националниот координатор за имунизација се именува согласно со Законот за заштита на населението од заразни болести, со мандат од 4 години. Координаторот за медијација се именува врз основа на Законот за медијација и има мандат од 5 години. Националниот координатор за трансплантација се именува врз основа на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување со мандат од 4 години.
Згора на ова, нема фиксна бројка колку национални координатори се потребни, туку тие се именуваат и се разрешуваат според потребите и програмата на владата, а често и според направениот „пазар“ меѓу партиите. Јасно е дека плата од 100.000 денари за координирање на „кохезијата“ во владејачката коалиција е убава сума за пазарење.
Иако, за волја на вистината, покрај сите напори, не успеавме да разбереме каква е таа кохезија што ја координирал националниот координатор во претходната влада. И дали и сега има таков.