НЕМА ПОТРЕБА ОД МОНЕТАРНА РЕАКЦИЈА ЗА ИНФЛАЦИЈАТА Народна банка, сепак, оцени дека има неизвесност кај цените на енергенсите

Бруто домашниот производ во првата половина од годината оствари раст од 5,2 отсто, што е речиси во целост во согласност со проекцијата на Народната банка од 5,4 отсто.

878

Нема потреба од монетарна рекација на Народната банка на сегашната инфлација и ценовни движења бидејќи нема притисок од страната на побарувачката, а умерените нагорни придвижувања на инфлацијата засега произлегуваат од фактори на страната на понудата, оцени  Комитетот за оперативна монетарна политика на последната седница на која се разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Комитетот оцени и дека нема потреба од промена на основната каматна стапка која останува на ниво од 1,25 отсто. Исто така останува ист и износот на благајнички записи којшто ќе се понуди останува 10 милијарди денари.






Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ септември, во просек годишниот раст на цените изнесува 2,8 отсто.

– Во овој период, позначителен придонес кон растот се забележува од категориите на домашните цени коишто се поврзани со  движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки. Оттука, се оценува дека ценовните притисоци засега главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, без поголеми притисоци од побарувачката- велат од Народна банка.

Остварувањата кај инфлацијата, додаваат оттаму, се нешто повисоки од очекувањата, што заедно со нагорните ревизии кај увозните цени укажува на ризици за умерено повисока инфлација од стапката на инфлација од 2,2 отсто проектирана за оваа година. Притоа, нагласена е неизвесноста и променливоста во движењето на светските цени на примарните производи, а пред сѐ на енерегенсите, во следниот период.

Споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика не покажува позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата.

– Бруто домашниот производ во првата половина од годината оствари раст од 5,2 отсто, што е речиси во целост во согласност со проекцијата на Народната банка од 5,4 отсто. Високофреквентните податоци коишто се расположливи за третиот квартал од 2021 година главно упатуваат на натамошен годишен раст на економската активност, но поумерен, во споредба со високиот годишен раст забележан во вториот квартал. Имено, податоците за периодот јули ‒ август покажуваат високи годишни стапки на раст кај прометот во вкупната трговија и угостителството и минимален пад кај индустриското производство. Во однос на извршените градежни работи, податоците за првиот месец од тримесечјето засега упатуваат на пониски остварувања, но треба да се има предвид и изразената променливост на движењата по месеци кај градежната активност -велат од НБ.

Комитетот оценува дека девизните резерви и понатаму се на соодветното ниво и во сигурната зона, а движењата во рамките на монетарниот сектор и натаму се солидни.

– Согласно со првичните податоците за септември 2021 година, вкупните депозити се на нивото на проектираниот годишен раст, додека вкупните кредити се над нивото проектирано за третиот квартал на 2021 година, според априлската проекција – велат од НБ.

Оттаму додаваат и дека на девизниот пазар во септември имало повисока нето-побарувачка за девизи од корпоративниот сектор, при засилување на економската активност и раст на цените на енергенсите на глобално ниво, а во помал дел и заради исплатата на дивиденди. Банките во целост ја задоволија нето-побарувачката за девизи од сопствените девизни средства, но и од солидните приливи на ликвидност во странска валута од менувачниците и физичките лица, којашто беше околу нивоата во истиот период 2019 година. Во такви околности, Народната банка не интервенира на девизниот пазар.

Во септември, водечките централни банки во глобални рамки продолжија со спроведувањето експанзивна монетарна политика, а некои од нив најавија можност за постепено намалување на износот на ликвидност којшто се внесува преку програмите за квантитативно олеснување. Во такви околности, на меѓународните финансиски пазари, цените на државните обврзници во еврозоната и во САД и натаму опаѓаат (нивните приноси бележеа раст), а вредноста на американскиот долар се зголеми.

Поврзани содржини