НЕМА НОВО ЖАРИШТЕ НА АФРИКАНСКА ЧУМА Вкупно 1305 свињи завршиле во кланица

Координативното тело за справување со болеста кај свињите бара владата да формира наменски интевентен фонд.

44

Моментално нема појава на ново жариште со африканска чума кај свињите.Сите жаришта со потврдени позитивни случаи се затворени, во 3 целосно се спроведени мерките за депопулација. Заклучно со вчерашниот ден, во зоните од 3 километри убиени и нештетно отстранети се 1305 свињи, инфомрира директорот на  Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски на седница на  Координативно тело за справување со оваа болест во земјава.

-Во координација со МЗШВ, локалните самоуправи, здруженијата на одгледувачи на свињи, ветеринарната комора, Факултетот за ветеринарна медицина и останатите институции, во заштитните зони од 3 километри и во зоните под надзор во радиус од 10 километри околу жариштата, без проблеми се спроведуваат наредените мерки согласно Решенија на АХВ и утврдената динамика. Мерките за активен и пасивен надзор на болеста африканска чума кај свињите се спроведуваат на целата територија на државава – рече Бабовски.






Од Координативното тело е препорачано владата да формира Интервентен наменски фонд со предлог буџет, со цел брзо и навремено спроведување на мерките за контрола и искоренување на африканска чума кај свињите.

-Царинската управа, на граничните премини и на аеродромите треба да ги интензивира контролите на личниот багаж на патниците при влез во државата  и на дневна основа да ја известува Агенцијата за храна и ветеринарство за количината и видот на запленетите производи од животинско потекло, како и истите нештетно да ги отстранува. АХВ, беше заклучено на првиот состанок на Координативното тело да спроведе информативно – едукативна медиумска  кампања за болеста африканска чума кај свињите, за што како што информира првиот човек на АХВ, активностите се веќе започнати- е една од препораките информира АХВ.

АХВ информира и дека е препорачано Ловечката федерација да преземе мерки за итна максимална депопулација на дивите свињи како резервоар на вирусот на болеста,  на територијата на целата земја, според акционен план дефиниран меѓу МЗШВ и АХВ, со посебен приоритет на регионите кои граничат со регионите под заштита и надзор, во временски период од 01.09.2022 до 30.04.2023 година.Паралелно со засилениот отстрел да се врши и пребарување на теренот за пронаоѓање на угинати диви свињи.

-Континуирано ќе продолжи процесот на попис на свињите во општините кои се прогласени за зони под заштита и зони со под наздор, но и на сите соседни општини, а итна депопулација согласно заклучоците, ќе треба да се  спроведе на сите одгледувалишта во радиус до 10 километри околу големите свињарски фарми, доколку не ги задоволуваат високите норми на биосигурност – информираат од АХВ.

Поврзани содржини