НЕМА НОВА СИСТЕМАТИЗАЦИЈА, НЕМА РИЗИК ЗА ГРАЃАНИТЕ Тошковски се пофали дека безбедноста е подобрена

Министерот Панче Тошковски уверува дека безбедноста на граѓаните нема да биде загрозена и дека нова систематизација во МВР сè уште не е доставена до Владата, додека криминалитетот е на најниско ниво во последните 20 години.

121

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека нема да дозволи ниту најмало загрозување на безбедноста на граѓаните во ниту еден град во државата, без разлика на евентуални промени или реорганизација во внатрешните структури на МВР.

Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Тошковски истакна дека безбедносната состојба во земјата е значително подобрена во изминатите речиси две години, нагласувајќи дека бројките за вкупен криминалитет се најдобри во последните две децении.






– Никогаш нема да дозволам безбедноста на граѓаните да биде доведена во прашање, било преку поставување, разрешување или каква било реорганизација во МВР – изјави министерот.

Тој информираше дека до овој момент Министерството за внатрешни работи сè уште нема доставено нова систематизација до Владата, поради што институцијата продолжува да функционира според постојната законска рамка.

– Полициските станици во Дебар, Струмица, Штип, Сарај и Илинден работат согласно важечката систематизација. Нова систематизација не е предложена до Владата, ниту пак Владата има усвоено нов документ за работењето на МВР – нагласи Тошковски.

Министерот додаде дека кога стручните служби во МВР ќе ја изготват новата систематизација, таа ќе биде доставена до Владата на разгледување, а по нејзино усвојување ќе започне и нејзината примена.

– Сè што направивме во изминатите година и пол до две покажува дека безбедноста на граѓаните е далеку подобра отколку претходно. Податоците за криминалитетот се најдобри во последните 20 години и тоа е факт – порача Тошковски.

Поврзани содржини