Ќе има ли ново замрзнување на цените?
Министерот за економија, Крешник Бектеши, деновиве изјави дека не ја исклучува можноста од повторно замрзнување на цените, но дали ќе има нови мерки до петок, ќе одлучи по средбата со бизнисмените најавена за утре. Тој очекува со ребалансот на буџетот да се обезбеди поддршка за граѓаните, за да ги надминат ценовните шокови.
Евентуалното ново замрзнување на цените на основните прехранбени производи би значело затворање на фирмите од прехранбениот сектор, бидејќи тие нема да можат да го издржат високото зголемување на трошоците, поради цената на струјата, на суровините и на горивата.
Граѓаните, пак, во оваа мерка гледаат празни полици во маркетите и сѐ помала можност да купат производ кој ќе има замрзната цена на ниво од денешната, бидејќи таа е веќе превисока за поголемиот дел од нив.
– Што ќе замрзнат, зарем не гледате какви се цените? Ако ги замрзнат на ова ниво, ништо не направиле. Веќе не можеме ниту леб да купиме секој ден. Во продавниците купуваат само тие што имаат пари, побогатите. Пензионерите и посиромашните го сведоа дневното пазарење на леб и на млеко. На сѐ штедиме. Ако сака да помогне, државата ќе мора да им помогне на најсиромашните – вели Анастасија од Ѓорче Петров.
Според државниот Завод за статистика, цените на прехранбените производи во земјава во мај годинава се зголемени за 12,1 отсто. Синдикатите денеска излегоа со најновите податоци за минималната синдикална кошничка, која во мај поскапела за близу 3.000 денари, што, според нив, алармира дека треба да има се помогне на работниците за да имаат повисоки плати.
Експертите веќе ја критикуваа мерката, која според нив нема да го ублажи ценовниот шок.
Бизнисмените од мелничко-пекарската индустрија велат дека ново замрзнување на цените на основните прехранбени продукти за нив би значело клуч на врата на фирмите.
– Компаниите ќе престанат да работат, поради високите трошоци, кои и сега се неиздржливи за мелничко-пекарската индустрија. Наш предлог е да ѝ се помогне индустријата, преку забрана на извозот на пченица, фиксирана цена на струјата и на горивото на начин што нема да се плаќа акциза. Само со реализацијата на нашето прво барањ,е цените на брашното би останале исти до крајот на годината и во првите месеци од следната. Бидејќи пченицата за овој период ќе биде обезбедена од домашно производство. Но, како и да одлучи владата, ние не отстапуваме од нашите барања -вели првиот човек на Асоцијацијата на мелничко-пекарската индустрија, Горан Малишиќ.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека замрзнувањето на цените не даде ефекти, но според нив укинувањето на царинските тарифи би дало ефекти.
– Тоа особено може да се види во овој период, кога цените растат секој ден, и тоа не поради домашните економски политики, туку поради тоа што се случува на глобално ниво. Ние сме увозно зависни и како што варираат цените во светот тоа се рефлектира и на нашиот домашен пазар. Сметаме дека најдобро решение е укинувањето на царинските тарифи за основните прехранбени производи, бидејќи значително ќе се намалат цените ако се применува оваа мерка– вели Дриљон Исени, извршен директор на СКСЗМ .
Тој смета дека е потребно да се стимулира домашното производство на струја, со што ќе се намали увозната зависност и ќе се намали цената.
– Веќе 15 години не сме се движеле во насока на изградба на производни капацитети, и за жал, после повеќе од 30 години независност, имаме минимална стапка на производство на електрична енергија, која е под 35% од струјата која што ја користиме, што значи дека останатото го увезуваме. Исто така, сме се покажале бавни во процесот на изнаоѓање или применување на алтернативни решенија како што се фотоволтаиците, бидејќи административната постапка трае предолго, а во меѓувреме бизнисот, граѓаните и целото општество трпат големи загуби – вели тој.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини е со став дека само помош на граѓаните може да помогне во сегашните услови, но стравува дека со ребалансот на буџетот нема да се обезбедат доволно пари за тоа.
– Намалувањето и замрзнувањето на цените во пазарна економија е недозволиво и не гледам како позитивно би се одразило во сегашни услови кога имаме сиромашно население. Имаме пензионери со ниски примања и голем број осиромашени семејства. Потребно е државата да ги помогне со посебни субвенции – вели Хајредини.
Опозицијата, пак, обвинува дека владата нема мерки за справување со ценовниот шок и доцни со мерките како и во изминатиот период.
– Суетата и ароганцијата им е во преден план. Од една страна, не нудат решенија, од друга страна не прифаќаат издржани предлози само затоа што доаѓаат како предлози од ВМРО-ДПМНЕ. Ако го прифатеа предлог-законот за акцизите, со кој акцизите на течните горива треба да се намалат за 50 отсто, како и законот за ДДВ, со кој треба да се намали ДДВ за храната од 5 отсто на 0 отсто, а на горивата од 18 отсто на 5 отсто, цената на горивата веднаш ќе се намали и ќе има огромно олеснување на буџетот на граѓаните. Поевтиното гориво ќе значи поевтино производство и извоз и поконкурентна економија во криза. Тоа ќе ја стимулира потрошувачката и ќе ја раздвижи економијата. Исто така, доколку се усвои нашиот предлог на закон за ДДВ, храната уште веднаш ќе се намали за најмалку 5 отсто. А зошто не го прават тоа? Одговорот е едноставен, затоа што ова се пари од кои власта на СДСМ не сака да се откаже и по секоја цена сакаат да ги земат парите од џебот на граѓаните – велат од ВМРО-ДПМНЕ.