НЕМА НИ „С“ ОД СТЕЧАЈ! Раководството на АД ЕСМ го демантира Наум Стоилковски
До овој момент сите вработени без разлика дали се вработени во ЕСМ МОЛИКА ДООЕЛ Битола или во ЕЛЕМ ТУРС се со решен работен статус и истите редовно и уредно ќе земат плата за минатиот месец, велат од ЕСМ.
Најостро реагираме дека АД ЕСМ ги носи во стечај некои од своите ДООЕЛИ. Согласно потребите на работниот процес работата се организира со отворање на нови ДООЕЛИ и тоа Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕСМ МОЛИКА ДООЕЛ Битола и Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт СКИ ЦЕНТАР ПОПОВА ШАПКА ДООЕЛ Тетово со цел да се обезбеди нивно поефикасно функционирање, реагираше АД ЕСМ на денешната прес-конференција на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој рече дека компанијата оди под стечај.
„ЕЛЕМ ТУРС е основан 2012 година за време на владеење на политичкта партија која ги искажува овие невистини и истиот постојано работи со загуба поради лошо поставениот концепт. До овој момент сите вработени без разлика дали се вработени во ЕСМ МОЛИКА ДООЕЛ Битола или во ЕЛЕМ ТУРС се со решен работен статус и истите редовно и уредно ќе земат плата за минатиот месец. Во врска со раководните лица кои управуваат со овие ДООЕЛИ истите не се назначени за директори туку се назначени како вршители на дејност, до целосно разрешување на процесот и стабилизација на двете друштва и повторно ќе напомениме, со единствена цел да се обезбедат можности новите ДООЕЛИ конечно да работат со добивка“, се вели во демантот.
Претходно, Стоилковски истакна дека ЕЛЕМ ТУРС оди под стечај, а дека ќе никнат две нови фирми-ќерки.
Тој откри дека едната фирма ќе ја води возачот на Васко Ковачевски, а другата ќе му припадне на кадар на ДУИ.