Нема никаква несакана реакција од клиничко значење при вакцинацијата која се спроведува во земјава, а да е пријавена во Агенција за лекови и медицински средства, МАЛМЕД, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
— Близу 15. 500 граѓани досега се вакцинирани со „Астра Зенека“ во земјава. Во текот на денот се вакцинирани околу 1.000 и освен таа реакција кај девојката нема друга. Нема никаква несакана реакција официјално пријавена во МАЛМЕД која бара внимание или значење. Несакана реакција во смисла на локална реакција која се очекува после вакцината, мало црвенило, болка, не е нешто што би требало да се пријави како ефект или нешто што би било од клиничко значење – изјави министерот Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Прашан за тоа дали медицинските сестри од стоматолошки ординации ќе бидат вакцинирани, министерот за здравство истакна дека тоа ќе се случи наскоро бидејќи и тие како здравствени работници се на приоритетна листа. Тоа што досега не биле вакцинирани, појасни, можеби се должи на некои техники пропусти.
– Можеби станува збор за некои технички пропусти, но тоа ќе се надмине, бидејќи и тие како здравствени работници се во приоритетна група за вакцинирање – рече министерот.
Првиот случај со тромбоцитна реакција беше регистриран кај 28-годишна девојка неодамна, откако таа во Србија ја примила вакцината на „Астра Зенека“.
Девојката, како што е познато, добила реакција седум дена по примањето на вакцината. Според лекарите, таа претходно немала други хронични заболувања. Пациентката веднаш беше хоспитализирана и помина во добра здравствена состојба.