10 ПАТИ ДА СЕ ЗГОЛЕМИ НОТАРСКАТА НАГРАДА? НЕ Е НОРМАЛНО! Министерот Филков бара да се повлече одлуката што ја протнал Кренар Лога на заминување
„Како што сум информиран, оваа одлука за енормното зголемување била донесена во февруари, но се чекало да поминат изборите. Притоа никој не ја информирал јавноста за ова, односно процесот бил скриен“, рече министерот за правда Игор Филков на брифинг со новинарите.
Новиот министер за правда, Игор Филков. на денешната прес-конференција рече дека по негова иницијатива бара да се повлече одлуката за зголемувањето на нотарската награда.
Филков посочи дека оваа одлука била донесена набрзина, од неговиот претходник Кренар Лога, пред тој да ја напушти функцијата.
– Во првите 2-3 недели, една од темите, која ја дознав од вас, беше нотарската тарифа, односно одлуката која мојот претходник ја имаше потпишано на негово заминување. Иницирав постапка за повлекување на одлуката за давање на согласност за зголемување на нотарската тарифа која ја донесе претходната Влада – брифираше новиот министер.
Филков истакна дека поранешниот министер донел одлука која треба да стапи на сила на 1 септември, со која се овозможува зголемување на цените на нотарските услуги за дури 10 пати.
– Лично сметам дека не смее народот да плаќа 10 пати повеќе. Не ја гледам смислата. Исто така, ќе разговараме и со нотарите, сакаме да го слушнеме и нивното мислење. Како што сум информиран, оваа одлука за енормното зголемување била донесена во февруари, но се чекало да поминат изборите. Притоа никој не ја информирал јавноста за ова, односно процесот бил скриен – рече министерот Филков.
Меѓу другото, Филков пред новинарите кажа дека потпишал барање за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, кои се осудени за случајот „Монструм“. Овие барања се доставени до косовското Министерство за правда и се чека одговор.
Министерот рече дека за Демири и Исмаиловиќ првпат е побарана екстрадиција во 2013 година, но барањето било одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година.
– Второто барање за нивна екстрадиција беше испратено во 2018 година, а во 2021 година е добиено известување од косовското Министерство за правда дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири немало одговор – објасни Филков.
Министерот беше запрашан и дали ќе се повтори барањето за екстрадиција на екс-премиерот Никола Груевски од Унгарија.
– Министерството за правда со голема внимателност ги следи сите случаи за кои се бара екстрадиција. Последното барање е од 2019 години за сите постапки. Барањето е одбиено од Унгарија, со објаснување дека на Груевски му е даден азил и лицето не може да биде екстрадирано во држава од кое е дојдено. Кога ќе се создадат услови за истото, секако дека ќе бараме екстрадиција за сите кои се надвор од државата и за кои е распишана меѓународна потерница – рече министерот.
На констатација на еден од присутните новинар зошто баш сега се бара екстрадиција за двајцата од Косово, со оглед дека временски е ист период со очекувањето од Србија за екстрадиција на поранешниот член на ОВК, Блерим Рамадани, Филков одговори: „Од некаде мораме да почнеме“.
Како што откри новиот министер за правда,две лица од криминалната група од Грчец, „Дуќанџик“, се во Обединетите Арапски емирати, меѓу кои е и Шеваљ Муареми. За нив е поднесено барање за екстрадиција на кое сѐ уште нема одговор.
– Две лица од групата од Грчец се во Обединети Арапски Емирати, за двајцата е побарана екстрадиција на 19.03.2024, барањето е примено во ОАЕ на 02.04.2024, но засега нема никаков одговор тамошните власти – рече Филков.