„НЕМА НАЧАЛНИЦИ БЕЗ СТАЖ“ Тошковски ја демантираше опозицијата, законот не дозволува партиски унапредувања
Министерот за внатрешни работи истакна дека ниту еден началник нема да биде назначен без потребниот работен стаж и оти измени во законот нема да дозволат политички влијанија.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остро реагираше на, како што ги нарече, „лажни и тенденциозни тврдења“ на опозицијата во врска со предложените измени на Законот за полиција.
Во јавна објава на својот официјален профил на Фејсбук, Тошковски категорично ги отфрли обвинувањата дека новиот закон ќе дозволи лица без стаж да бидат поставувани на високи позиции во Министерството.
– Целосно е неточно дека некој без стаж ќе стане началник. Новите измени воведуваат строги критериуми, обуки и тестови кои го онеспособуваат секое политичко унапредување – посочи Тошковски.
Тој објасни дека во Предлог-законот се воведува ограничување со кое може да се напредува само до две позиции нагоре во хиерархијата, и тоа исклучиво ако се исполнети сите стручни и етички услови.
– За првпат, секое унапредување во раководна позиција бара обука и елиминаторен тест. Тоа е гарант за професионализација, а не политизација – додаде министерот.
Тошковски истакна и дека законски не е можно распоредување на лица без соодветно искуство на раководни позиции, а дека тврдењата на опозицијата произлегуваат од неразбирање на законската структура.
Во однос на функцијата заменик-директор на Бирото за јавна безбедност, министерот рече дека таа е системски одговор на потребата од континуитет и стабилност во управувањето, а не нов начин за партиски вработувања.
– Ова не е политичка фотелја. Ова е гаранција дека институцијата ќе функционира дури и во отсуство на директорот – изјави Тошковски.
Министерот апелираше до опозицијата да не ја користи безбедносната политика за дневнополитички цели, истакнувајќи дека МВР останува фокусирано на изградба на ефикасен, транспарентен и непартиски систем.