„НЕМА МИГРАНТИ, ИМА ПАРТИСКИ БЕГАЛЦИ“ Милошоски вели дека Филипче манипулира со лажна тема за да ја покрие кризата во СДСМ

Антонијо Милошоски обвини дека СДСМ ја користи темата „мигранти“ за политичка манипулација и прикривање на внатрешните проблеми во партијата.

0

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 изјави дека во Македонија не постои проблем со мигранти и дека, според него, СДСМ ја отвора темата манипулативно за да ја прикрие партиската слабост и одливот на кадри.

– Македонија и Британија имаат потпишано договор за инвестиции, за соработка и за проекти, и нема ниту од една страна тема што опфаќа мигранти. Тоа е тема со која полесно може да се манипулира – рече Милошоски, додавајќи дека СДСМ ја злоупотребува.






Тој истакна дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се соочува со сериозни внатрепартиски проблеми, особено со, како што рече, „партиски мигранти“ кои заминуваат во други политички опции.

– Филипче се соочува со свои партиски мигранти, кои бегаат затоа што гледаат дека СДСМ ја губи влијателноста што ја имала пред 5 или 10 години. Сега го советуваат оваа тема да ја искористи за покривање – изјави Милошоски.

Како дополнителна аргументација, тој посочи дека бројот на лица кои имаат статус на бегалци или азиланти во Македонија е многу мал.

– Вкупно 14 лица имаат добиено статус на бегалец: девет од Косово, три од Конго и две од Сирија. Истовремено, 14 членови на извршниот одбор на СДСМ си поднесоа оставка. Симптоматично, но можеби случајно – рече тој.

Милошоски потенцираше дека не постои никаков документ, барање или тема наметната од Велика Британија во врска со мигранти и дека доколку постои такво барање, тоа би било целосно одбиено.

– Јавноста може да биде спокојна. Ниту постои барање, ниту ќе се прифати било какво барање за мигранти. Темата е политичка манипулација за да се покрие слабоста и празнината во СДСМ – нема кадар, нема идеи, нема луѓе за дебати – нагласи Милошоски.

Тој заврши дека очекува оваа тема да се користи од страна на СДСМ уште извесен период, до февруари или март, по што, според него, ќе исчезне од фокусот.

Поврзани содржини