НЕМА МЕСТО ЗА ПАНИКА На нас и вирусот Западен Нил ни е запад, па изгледа нѐ нејќе!
По смртта на две лица во Србија, кои претходно биле заразени со Западнонилска треска, д-р Жарко Караџовски и д-р Милена Стевановиќ смируваат - на Македонија не ѝ се заканува опасност од оваа зараза.
Тропските горештини во Македонија и во соседството се рај за комарците кои го пренесуваат вирусот на Западнонилската треска. Но, додека во моментов во Србија информираат за два смртни случаја на заболени од овој вирус, кај нас засега нема регистрирано ниту еден случај на инфициран со вирусот Западен Нил.
Според епидемиологот д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, кај нас во јули и август не е регистриран ниту еден заразен со овој вирус, а последниот бил регистриран пред повеќе од еден месец.
– Тоа што некој би можел да се зарази со овој вирус не значи и дека мора да има некои посериозни последици. Вирусот се појавува на места кадешто комарците ги има во поголеми концентрации и кадешто не е навремено прскано. Кај нас нема регистрирано случаи и нема место за паника – вели д-р Караџовски.
И директорката на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Милена Стевановиќ, потврдува дека не е забележан ниту еден случај кој би бил суспектен на овој вирус, односно не е регистрирано ништо што може да наликува клинички на зараза со вирусот Западен Нил, иако се направени голем број амбулантски прегледи на пациенти.
– Со оглед на тоа што во соседна Грција, кадешто како и во Србија со години наназад има комарци кои се пренесувачи на вирусот, во моментов има повеќе ковид од било што друго и сe очекува ударна состојба со ковид, Западнонилската треска не е во фокусот и нема суспектни пациенти. Треба да се секираме повеќе за ситуацијата со ковидот отколку за вирусот Западен Нил – вели д-р Стевановиќ.
Вирусот Западен Нил е присутен во Србија од 2012 година. Секоја година има различен број пациенти, па не е можно да се предвиди како ќе биде оваа година, а овие два смртни случаја се регистрирани кај едно машко и кај едно женско лице, на возраст од 63 и 50 години, со придружни хронични заболувања.
Комарци кои можат да предизвикаат западнонилска треска се откриени на територијата на Белград на 5 јули 2021 година.
Западнонилската треска е присутна во Европа од 60-тите години на минатиот век. Во последните 15 години, спорадични случаи и помали епидемии се регистрирани кај човечката популација во неколку земји во Источна и во Јужна Европа.
Во текот на 2010 година, регистрирано е нагло зголемување на бројот на пациенти во човечката популација, како и појава на оваа болест во некои европски земји каде што не постоела порано, а во Европската унија (ЕУ) и во соседните земји вкупно се пријавени 340 веројатни или потврдени автохтони случаи, со 41 смртен исход.
Најголем број пациенти (262 пациенти, 35 смртни случаи) се регистрирани во Грција, а автохтони случаи на инфекција со вирусот Западен Нил се пријавени и од Македонија, Романија, Унгарија, Италија и Шпанија.
Епидемиологот Александар Стојанов, кој е веќе во пензија, вели дека со Западнонилската треска се занимаваат веќе неколку години, а таа во Србија е веќе ендемска.
– И кај нас секоја година се наоѓаше по некој случај, но самата зараза не подразбира дека ќе има и тешки симптоми и последици. Може да помине лесно, но може да има и смртен исход – објаснува тој.
Западнонилската треска е вирусна болест која се пренесува со каснување од заразен комарец. Главниот вектор е Culex pipiens, вид комарец, а главен резервоар на зараза се различни видови птици во кои се одржува вирусот, додека луѓето се случајни, односно т.н. слепи домаќини.
Повеќето луѓе (80%) заразени со вирусот Западен Нил немаат никакви симптоми или знаци на болеста. Кај мал процент на заразени лица (приближно 20%), симптомите личат на болест слична на грип, со ненадејна појава на треска, главоболка, болка во мускулите и зглобовите, замор, благ минлив осип и лимфаденопатија.
Меѓутоа, кај некои поединци (помалку од 1%) се јавува асептичен менингитис или енцефалитис, или невроинвазивна форма на болеста која бара хоспитализација.
Ризикот постои секаде онаму каде што го има комарецот. Граѓаните треба самите да се штитат, односно да внимаваат на своето здравје, особено во овој период од годината – да ги мачкаат кожата и облеката со средства против комарци постојано, да се облекуваат соодветно, да не се разголени особено во самрак и во зори кога излегуваа комарецот и шета. Сега е ек на одмори, па ако одат во Грција, треба да се заштитат, да внимаваат да не оставаат во дворовите застоена вода во базенче, барички и слично, оти на комарецот му е потребна капка вода за да се размножи.