НЕМА МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА Директорката на Инфективна вели дека не е примен сомнителен случај

Д-р Милена Стевановиќ вели дека доколку се случи такво нешто, во заедничка координација со Министерството за здравство, како и со вработените на клиниката, ќе се организираат со цел прием на пациенти со мајмунски сипаници.

626

Директорката на клиниката за Инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ, во куса изјава за Плусинфо ги негираше информациите кои се појавија во текот на вчерашниот ден за можната појава на првиот сомнителен случај на мајмунски сипаници во Македонија.

– Во последните 24 часа на Клиниката за инфективни болести не е примен пациент со таква симптоматологија – вели д-р Стевановиќ.






Таа додава дека доколку се случи такво нешто, во заедничка координација со Министерството за здравство, како и со вработените на клиниката, ќе се организираат, со цел прием на пациенти со мајмунски сипаници.

Oд Министерството за здравство за Плусинфо информираат дека на Клиниката за инфективни болести нема хоспитализиран пациент суспектен за мајмунски сипаници.

– Во врска со пациентот кој се споменува во медиумите, според информациите од кичевската болница станува збор за суспектен пациент кој е во добра здравствена состојба и со уредни лабораториски резултати, кај кого е дадена препорака за тестирање. Во моментов се организира епидемиолошки тим кој ќе спроведе епидемиолошка анкета – информираат од МЗ.

Оттаму додаваат дека до овој момент не е доставен материјал за тестирање во Институтот за јавно здравје и во државата нема потврден случај на мајмунски сипаници.

Инаку, во текот на вчерашниот ден телевизија Алфа објави дека според неофицијални информации во земјава има прв сомнителен случај на мајмунски сипаници.

Според изворите на телевизијата, најавен е прием на пациент сомнителен на мајмунски сипаници на Инфективна клиника во Скопје. Пациентот бил од Кичево, а се очекувало вчера да пристигне на Инфективна клиника. Кичевската брза помош одбила да го пренесе, па тој со сопствено возило се упатил кон клиниката во Скопје.

Поврзани содржини