НЕМА ЛЕКАРСКА ГРЕШКА ЗА СМРТТА НА БЕБЕТО НА ДЕТСКА КЛИНИКА Најверојатно доцна било донесено на Клиниката, вели Таравари
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека го прочитал извештајот во врска со седуммесечното бебе кое почина на Детската клиника во Скопје и дека во него е констатирано дека нема лекарска грешка.
– Извештајот пристигна, јас го прочитав уште во понеделник. За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка – рече Таравари на денешната прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање.
Прашан каде бил проблемот за смртта на седуммесечното бебе, Таравари одговори дека најверојатно бебето е донесено предоцна на Клиниката.
– Можеби болеста си го направила своето, можеби подоцна е донесено детето. Меѓутоа, констатирано е дека нема лекарска грешка – додаде Таравари.
Седуммесечното бебе почина на 16 декември на интензивна нега на Детската клиника во Скопје.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој изврши вонреден инспекциски надзор на Детската клиника откако почина седуммесечно бебе, предложи Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на бебето.
На 11 декември, во вечерните часови, детето повторно било донесено на Клиниката и поради влошената клиничка слика, било хоспитализирано на Одделот за неврологија. Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на 13 декември поради натамошно влошување на здравствената состојба било трансферирано на Одделот за интензивна нега и терапија.
Откако во јавноста излезе веста за смртта на бебето, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди рече дека биле запазени сите процедури и третмани и дека нема лекарска грешка. Тој рече дека се работи за неоснован притисок врз Клиниката и врз здравствениот персонал во оваа институција.