НЕМА ЛЕКАРСКА ГРЕШКА ВО ТРЕТМАНОТ НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ Реанимацијата е спроведена по протокол, утврди Комисијата за стручен надзор
Поради влошување на состојбата било индицирано реинтубирање од дежурен лекар поради појава на масивен десностран пнеумоторакс, итно е поставен торакален дрен и уредно е спроведена реанимациска постапка по протокол, соопшти Комисијата за стручен надзор за смртта на бебето за кое дел од медиумите пишуваа дека педијатарка на ГАК нестручно го интубирала и дека затоа починало.
Нема лекарска грешка во третманот на починатото бебе на Клиниката за гинекологија.
„Комисијата за стручен надзор за случајот со починатото новороденче на Клиниката за гинекологија, по извршениот надзор ги донесе следните заклучоци: Врз основа на целокупната медицинска документација, исказите на медицинскиот персонал и обдукцискиот наод, Комисијата за стручен надзор заклучи дека се работи за предвремено новороденче, со тешка конатална инфекција, респираторен дистрес и нарушена белодробна функција поради незрелото белодробие и инфламаторен процес во рамки на инфекција, со наод на спонтан, парцијален пнеумоторакс, радиолошки верифициран во првите часови по раѓањето. Поради тежината на состојбата и посочените ризици новороденчето е поставено на механичка вентилација четири часа по раѓањето и поради конатална инфекција веднаш е поставено на антибиотска терапија. Во текот на лекувањето е индицирана промена на антибиотската терапија со оглед на лабораториските наоди во прилог на септична состојба. Поради влошување на состојбата било индицирано реинтубирање од дежурен лекар поради појава на масивен десностран пнеумоторакс, итно е поставен торакален дрен и уредно е спроведена реанимациска постапка по протокол“, соопшти Комисијата.
Дел од медиумите деновиве пишуваа дека педијатарка нестручно го интубирала бебето и дека затоа починало.