НЕМА КРИВИЧНИ НИ ЗА БОМБАТА НИ ЗА ПУКАЊЕТО ВО КАМПАЊАТА Обвинителството сѐ уште го чека МВР

Обвинителството е известено за случаите на изборни нерегуларности. МВР работи на нивно расветлување. До Обвинителството досега не е доставена ниту една кривична пријава. Изборите наближуваат, а јавноста нема одговори кој е виновен за инцидентите.

425

За ниту еден инцидент за време на кампањата за локалните избори, а ги имаше повеќе, МВР досега не поднело кривична пријава против ниту еден сторител, велат за Плусинфо од Jавното обвинителство.

Иако уште во првата недела од изборната кампања одекна бомба во двор на кандидат за советник, рафално се пукаше на изборни митинзи на ДУИ во тетовско и во Скопје, а лидерот на владејачката ДПА, Мендух Тачи, беше фатен од полицијата за уништен билборд на кандидат за градоначалник на Тетово од конкурентската партија Алијанса за Албанците, досега, барем според информации од Обвинителството, никој не се гони за изборни нерегуларности и за насилство.






Иако го прашавме МВР одговор дали расветлиле некои од изборните инциденти и против колку лица се поднесени кривични пријави, одговор не добивме.

– Обвинителството е известено за случаите на изборни нерегуларности. МВР работи на нивно расветлување. До Обвинителството досега не е доставена ниту една кривична пријава – велат од Обвинителството.

Најсериозен инцидент кој се случи од почетокот на кампањата е бомбата која во минатата недела одекна во дворот на куќата на кандидатот за советник на Град Скопје од СДСМ и коалицијата, Габриел Бајрам. Синот на Амди Бајрам, Габриел Бајрам лично пријавил во полиција дека околу полноќ му била фрлена бомба во дворот на семејната куќа, но дека за среќа, нема повредени, а причинета е материјална штета врз куќата. МВР го потврди настанот, но досега нема никаква информација дали е фатен сторителот или сторителите и дали евентуално бомбашкиот атак врз домот на Бајрам има политичка заднина. Од бомбата оштетени се оградата, вратата, прозорците и фасадата на куќата. Инаку Габриел Бајрам неколку пати пријавувал во полиција дека имал закани по телефон, како и на социјални мрежи.

Претходно преку видео јавноста можеше да види дека на отворање на изборен штаб на ДУИ за Чаир, на плоштадот Скендер бег, маж, рафално со истрели од пиштол, го поздрави обраќањето на потпретседателот на ДУИ и пратеник Изет Меџити. На собирот бил присутен и првиот вицепремиер Артан Груби, како и актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат во Чаир, Висар Ганиу. Но,никој не се растревожи од пукањето. Нема информации дали некој од присутните го познава лицето кое пукаше, дали тој можеби е партиски активист, или можеби и функционер на ДУИ.

Опозициската Алијанса за Албанците обвини дека пукање имало и на собир на ДУИ во тетовско Желино. Од опозициската партија тврдат дека на пукањето во Желино бил присутен и заменик министерот за правда Агим Нухиу.

МВР го потврди и инцидент во центарот на Тетово, каде по полноќ полицијата сопрела две возила во кои имало четири лица, меѓу кои и лидерот на ДПА Мендух Тачи, за уништени билборди и транспаренти на кандидатот за градоначалник на Тетово, Вулнет Мурсели, од опозициската Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Тачи тогаш во изјава за Плусинфо демантираше дека активисти на ДПА уништиле билборди кандидатот на Алијанса за Албанците. Според Тачи, тој со автомобил стасал на местото на инцидентот за да ги смири своите активисти по дојавата дека со спреј биле уништени билборди на нивниот кандидат за градоначалник на Тетово, Сади Беџети. Од ова произлегува дека Тачи не кршел, туку ја спасувал ситуацијата да не дојде до „војна“ помеѓу активисти на ДПА и на Алијанса за Албанците. Нема информација дали лидерот на ДПА бил повикан да даде изјава за настанот.

Засега нема одговор ни дали се познати лицата кои пред два дена го навредувале и се обиделе да го нападнат актуелниот градоначалник и независен кандидат за градоначалник на Куманово Максим Димитриевски додека тој имал средба со граѓани во Долно Којнаре. И Димитриевски, како и Бајрам, лично го пријавил случајот во МВР.

Поврзани содржини