НЕМА КРИМИНАЛ, ИМА СТРАВ ОД РЕФОРМИТЕ Тошковски со жестока реакција на обвинувањата за тендерите
Министерот Тошковски појасни дека, за разлика од претходно, полицијата сега добива нова опрема и униформи на системски начин, а не преку импровизации.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остро реагираше на обвинувањата во јавноста за тендерската постапка за набавка на униформи за специјалните единици, истакнувајќи дека целата процедура била транспарентна и законска. Според него, целта на тендерот била да се набави квалитетна опрема по најповолна цена, со заштита на буџетските средства.
– Во изминатите месеци, освен што бевме целосно посветени на немилосрдна борба со криминалот и корупцијата, напорно работиме и да ги исчистиме нередот и неправдите што беа оставени внатре во самото Министерство – токму од тие што денес најгласно нè напаѓаат – истакна Тошковски во објава на Фејсбук.
Министерот појасни дека, за разлика од претходно, полицијата сега добива нова опрема и униформи на системски начин, а не преку импровизации.
– Токму сега, кога конечно го враќаме достоинството на македонската полиција – тие што ги оставија полицајците без униформи, принудени сами да шијат или да позајмуваат од пензионери, имаат образ да зборуваат за наводни криминални тендери – рече Тошковски.
Тој објасни дека тендерската постапка не подразбира исплата на пари однапред, туку се работи за рамковна спогодба за период од три години. Со тоа, министерството не се обврзува на одредена набавка, туку ќе склучува поединечни договори само кога ќе има реална потреба.
– Разликата е клучна – не се исплаќаат средства однапред, туку само по реална нарачка и испорака, со посебен договор и обезбедена банкарска гаранција од 5% – додаде тој.
Во врска со критиките за критериумите кон фирмите учеснички, Тошковски изјави дека намерата била да се стимулира конкуренција, а не да се фаворизираат одредени компании.
– Премногу строги критериуми ги исклучуваат домашните мали и средни претпријатија, а тие често се најконкурентни. Законот не дозволува дискриминација врз основа на старост на фирмата – посочи тој.
Како гаранција за квалитет, биле задолжителните мостри и лабораториски анализи, при што секоја понуда била проверена од акредитирани независни лаборатории според технички спецификации објавени во Службен весник.
Министерот не ја исклучува политичката позадина на нападите, обвинувајќи ги опозициските партии дека ја саботираат реформата во МВР.
– Јасно е дека нападите кои се шират не се резултат на вистинска загриженост за законитоста, туку обид за дефокус и саботажа на реформите. Кога СДСМ и Левица се здружуваат во критика, тоа е најсилен доказ дека сме на прав пат – истакна Тошковски.
Тој увери дека Министерството ќе продолжи да работи професионално, отчетно и законски, со фокус на ред, сигурност и доверба.