НЕМА КРИЕЊЕ ГОРИВО, НО 30 БЕНЗИНСКИ ОСТАНАЛЕ БЕЗ ЗАЛИХИ Пазарниот инспекторат откри што се случувало последните денови
Инспекторите во изминатите денови спровеле повеќе од 300 контроли на бензински пумпи, а Пазарниот инспекторат најавува нови проверки и кај трговците поради можни поскапувања на храната.
Пазарниот инспекторат не констатирал криење на залихите на гориво, покажале контролите спроведени во изминатите три до четири дена.
Директорот на Пазарниот инспекторат, Влатко Стојкоски, денеска изјави дека се извршени повеќе од 300 инспекциски надзори, а кај дел од бензинските станици инспекцискиот надзор продолжува.
– Не е констатирано дека имало криење на залихите на гориво. Сепак, утврдено е дека околу 30 бензински станици ги истрошиле залихите и привремено престанале со точење. По еден до четири часа, по ново полнење на резервоарите, тие повторно продолжиле со точење гориво. Таква беше ситуацијата во изминатите три-четири дена – изјави Стојкоски.
Тој денеска, заедно со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, присуствуваше на настанот „Усогласеноста и фер конкуренцијата одат заедно“.
Во однос на најавите за евентуално намалување на ДДВ за увоз на енергенси доколку кризата потрае подолго, и колку тоа би ја чинело државата, директорката на Управата за јавни приходи изјави дека ваквите проценки ги прави Владата во соработка со ресорните министерства.
– Управата за јавни приходи е оперативно-извршен орган. Проценките ги прави Владата со ресорните министерства. На крајот, какви ќе бидат мерките изразени преку законски решенија или други акти, ние ќе треба да ги спроведеме. Прашањето не може да се адресира кон УЈП во тој дел – изјави Петрова.
Од Пазарниот инспекторат најавуваат и контроли кај трговците поради можноста за зголемување на цените на прехранбените производи. Директорот на инспекторатот очекува трговците да покажат општествена одговорност.
– Уште од денеска ќе биде формиран тим и се изготвува оперативен план. Ќе има инспекциски надзори во маркетите, кај дистрибутерите, увозниците и производителите на храна. Во наредниот период ќе се посветиме стриктно на тоа. Се надевам на разум кај трговците, имајќи предвид дека и светот се соочува со економска криза, па очекувам и нивна општествена одговорност. Оваа Влада во многу наврати покажала дека е партнер со трговците, преку обезбедување евтини кредити и овозможување фер и лојална конкуренција. Како Инспекторат ќе бидеме на терен и ќе ги следиме бруто-профитните маржи – рече Стојкоски.