НЕМА КОМПРОМИС СО ЗАГАДУВАЧИТЕ ВО СКОПЈЕ Ѓорѓиевски информира дека за два месеца се изречени казни до 53.000 евра
Одговорни лица во правни субјекти биле казнети со по 3.000 евра, додека десетици физички лица кои неправилно фрлале отпад на јавни и приватни површини добија казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот.
Нема компромис со загадувачите – изречени се казни од 1.000 до 53.000 евра по преземените засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети. Загадувањето не е проблем кој се решава преку ноќ, ниту е создаден од сегашниот систем, но сега е наша обврска да делуваме и да го направиме Скопје почист и поздрав за сите.
Ова меѓу другото го напиша на својот Фејсбук профил градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски по денешната вонредна седница на Советот посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух и неговите причинители.
Гадот, како што информира Ѓорѓиевски во изминатиот период презел засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети, вовел редовни и вонредни надзори, а се работело и на решавање на сообраќајот, изградба на нови зелени површини и зелени коридори.
– Само во периодот од 6 ноември до 1 јануари, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени. Инспекторите за животна средина извршија над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешните фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општина Сарај. Изречени се глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра – вели тој.
Одговорни лица во правни субјекти биле казнети со по 3.000 евра, додека десетици физички лица кои неправилно фрлале отпад на јавни и приватни површини добија казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот.
„Инспекцијата за патен сообраќај и патишта изврши контроли на 9 градилишта, од кои 7 беа задолжени со решенија за времен режим на сообраќај, а 2 имаа позитивни записници. На едното градилиште е изречен прекршочен платен налог од 3.000 евра за правно лице и 900 евра за одговорното лице. Комуналната инспекција изврши 240 контроли на градилишта низ целото Скопје, опоменувајќи 25 објекти, а на 11 се изречени глоби од по 1.300 евра. Комуналните редари вршат постојана обиколка и контрола на територијата на градот, плоштадите и јавните површини, со што се изречени повеќе од 60 казни“, пишува градскиот татко.
Тој информира дека за буџетот за 2026 година се предвидени 64 милиони денари за делот за животна средина, во споредба со 24 милиони денари во 2025 година, што, како што вели, јасно покажува колку сериозно ја сфаќаат заштитата на здравјето на граѓаните.
„Дополнително се обезбедени 220 милиони денари за подигање и одржување на јавно зеленило и паркови, како дел од нашите искрени заложби за чист воздух и здрав живот. Предвидени се субвенции за инвертер-клима уреди, чистење на оџаци, филтри, субвенции за велосипеди итн. Драго ми е што седницата се одвиваше конструктивно и без политиканство. Благодарам на сите кои учествуваа со искрена намера. Знам дека само со обединета работа, редовни инспекции, конкретни мерки и силна волја можеме да го заштитиме здравјето на нашите сограѓани, здравјето на нашите деца и идните генерации. Скопје заслужува чист воздух, ред во јавниот простор, зелени паркови и одговорност од сите нас. И ние тоа го правиме. Сега е време резултатите да бидат видливи, мерливи и трајни“, напиша Ѓорѓиевски.