Еден од најтиражните весници во Индија „Тајмс оф Индија“ објави дека Шведска ќе биде домаќин на европско првенство во секс. Според весникот, Шведска го признала сексот како официјален спорт. А, за да се утврди кој е шампион во дисциплината ќе се одржи турнир на кој учесниците ќе се „натпреваруваат“ по шест часа секој ден. Натреварот, наводно, требало да се одржи денеска (8 јуни) во Гетеборг.
Многу други медиуми ја пренесоа оваа „вест“, а еден грчки портал дури објави дека Атина ќе има свои претставници на турнирот. Германскиот канал РТЛ исто така објави анкета, со која треба да биде јасно што мислат луѓето за признавањето на сексот како официјален спорт.
Шведското Министерство за спорт демантираше дека постои таков настан. Дојче Веле ги провери фактите.
Тврдење: Шведска официјално го призна сексот како спорт и ќе го одржи првиот секс турнир оваа недела.
Проверка на факти: Неточно.
„Секоја таква информација е лажна. Во моментов, лажните тврдења кои се шират во некои странски медиуми за Шведска може категорично да се демантираат“, напиша портпаролката на Шведската спортска асоцијација, Ана Зецман во официјална изјава за ДВ.
Наводно, зад лажните вести стои Швеѓанецот Драган Братиќ, сопственик на неколку стриптиз клубови, кој сакал сексот да стане официјален спорт. Вакво барање до Шведската спортската конфедерација испратил во јануари годинава, кое било одбиено во мај.