НЕМА ДОВОЛНО ВОДА ЗА НАВОДНУВАЊЕ 3.600 ХЕКТАРИ ВО ПОЛОШКО Намален е протокот на вода поради изградба на улица во Гостивар

Земјоделците го повикува Обвинителството да го испита случајот и да утврди одговорност, бидејќи се загрозува егзистенцијата на повеќе од 500 семејства во полошкиот регион.

52

Земјоделци од 14 горнополошки села денес протестираа пред зградата на Општина Гостивар поради градежните интервенции со кои се намали протокот на вода низ еден од каналите за наводнување. На собирот, тие одговорноста ја префрлија на локалната самоуправа која лани во септември, делот на каналот кој минува низ населбата „шеста зона“ го преуреди во улица, а водата од каналот го пренасочи низ цевковод. Тие на протестот побараа во најскоро време да се пушти водата за наводнување во полн капацитет, а ако тоа не се случи најавија радикализација на протестите и блокади на сообраќајници.

Живко Јовановски, земјоделец од селото Теново рече дека со проблемот се  соочуваат земјоделците кои обработуваат околу 3.600 хектари земјиште. Тој смета дека со покривањето на каналот драстично се намалил капацитетот на проток на вода од 4,1 м3 во секунда на еден кубен метар.






– Бараме под итно надлежните органи и институции да преземат мерки, да го вратат каналот за наводнување во првобитна состојба. Да не се доведеме во ситуација ние напатени земјоделци кои сме вложувале и сè уште вложуваме да ни се кратат правото на живот и егзистенција на нашите семејства и поколенија – рече Јовановски.

Тој како директен виновник го посочи в.д. градоначалникот Ваљбон Лимани.

– Ако не се отвори каналот, вие и Општина Гостивар ќе бидете директни виновници за несаканите последици што може да настанат од овој проблем. Вие сакате да иницирате конфликт меѓу нас земјоделците и луѓето на кои таму сте им направиле убавини, кога ќе дојде екот на сезоната за наводнување. А, верувајте дека до такво нешто ќе дојде – рече Јовановски.

Земјоделците го повикува Обвинителството да го испита случајот и да утврди одговорност, бидејќи како што велат со оваа постапка се загрозува егзистенцијата на повеќе од 500 семејства во полошкиот регион

Претходно, во јануари, земјоделците имаа протестен собир и бараа од надлежните во подружницата на АД „Водостопанство“ да помогнат во изнаоѓање на решение. Оттогаш како што беше кажано на собирот имало неколку средби на кои биле претставници на локалната самоуправа, Министерството за земјоделие и „Водостопанство“ и добиле усни ветувања дека проблемот ќе се надмине.

Од Општина Гостивар за барањата од протестот и за целиот случај најавија соопштение. Претходно во неколку наврати одговорните посочуваа дека за преземените мерки биле насочени пред сè кон обезбедување на поголема сигурност на граѓаните во населбата „шеста зона“.

Каналот кој носи вода од реката Вардар и Шарпланинските водотеци е наменет за наводнување на нивите во Горни Полог (од Гостивар до селото Жеровјане). Тој е изграден во 1964 година и има значително влијание во наводнувањето на нивите во овој дел од земјава. Иако се најавуваа санации, негова последна реконструкција била во 1984 година.

Поврзани содржини